Државните Електрани ќе купуваат гас од бугарска, а не од македонска фирма

ЕСМ ќе купува гас од бугарска, а не од македонска фирма. Државната компанија донесе одлука да склучи договор со „Балкан Утилитис“, која понудила минимално пониска цена од „Макпетрол“, но фиксна заклучно со 1 мај. Од „Макпетрол“ велат дека цената која тие ја понудиле е променлива и дека таа ќе биде пониска во наредниот период ако се земе предвид движењето на берзите.

  • Тоа го знае и ЕСМ Продажба, бидејќи претходно набавуваше гас за период од 15 дена со цел да обезбеди што подобра понуда. Тука се поставува прашањето како пред јавноста ќе се оправда овој договор, доколку цената што „Макпетрол“ би ја понудил биде пониска за јануари, но и за следните четири месеци, односно до 1 мај до кога е објавено дека важи новиот договор.

Во своето соопштетие ЕСМ, пак, наведе дека гасот ќе се користи за потребите на топланите „Исток“ и „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за останатите потрошувачи, пред се поголемите производствени  и услужни капацитети. Од државната компанија ги повикаа потрошувачите да се обрататат до ЕСМ Продажба за натамошно снабдување.

Со ова се поставува прашањето дали државните институции за да дојдат до природен гас ќе го заобиколат законот за јавни набавки кон кој треба да се придржуваат и ќе го добијат енергенсот без јавен повик.

  • На овој план, како сето ова би се извело ако се знае дека ,меѓу потрошувачите има и јавни, односно државни правни субјекти, кои за да купат гас, секој засебно, мора да се придржува до законот за јавни набавки. Ова значи дека сите тие би требало да си објават повик за да обезбедат природен гас.

Пазарот со природен гас треба да се либерализира од 1 јанаури. Претходно од „Макпетрол“ соопштија дека нема да тргуваат поради тоа што не беа донесени подзаконските акти кои треба да го регулираат работењето. Но, откако Регулаторната комисија ги донесе новите правила македонскиот трговец со гас се јави на повикот на ЕСМ кој на крајот сепак одлучи да склучи договор со бугарски „Балкан Утилитис“.

Договорот отвора и низа други дилеми меѓу кои и како ЕСМ продажба го штити јавниот интерес со набавка на гас за четири месеци однапред. Притоа, државната компанија не се потпира на стабилен домашен снабдувач, што вработува над 2.000 луѓе во Македонија, туку избира странска фирма што на никаков начин не придонесува во домашната економија.

Борис Грујоски

Advertisements