Државниот секретар на МИОА приведен за поткуп- ОЈО побара притвор

Јавното обвинителство бара притвор за државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација. Тој и уште едно лице, кое во моментов не е во нашата држава се осомничени за кривично дело примање поткуп. Противзаконски зеле нешто помалку од 50 илјади евра. 46 годишнииот Ј.Ј. и 52 годишното лице Ј.Г., како службени лица во периодот од јуни 2014-та до август 2015-та година примиле подарок- патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра за да извршат противзаконско службено дејствие, велат од Јавното обвинителство.

-Тие како службени лица, пред официјалното објавување на условите за работење на правното лице – апликант на тендерот, му овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации. Со ваквата постапка осомничените иако знаеле дека споделувањето на информации со апликанти или потенцијални апликанти во тендерски постапки е противзаконито, го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на правното лице му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра, велат од ОЈО.

Во 2016 година, во периодот кога во Министерството веќе започнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда за своето противзаконско работење државниот секретар добил уште поголема финансиска награда.

-Првоосомниченото лице, преку италијанскиот посредник од правното лице во два наврати примило во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695,00 денари, со што се стекнало со значителна противправна имотна корист. Второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ износ од 2.500 евра, односно 153.750,00 денари и се стекнало со поголема противправна имотна корист, велат од ОЈО.

Симултани претреси биле спроведени во пет места низ Македонија  и Република Италија, пет во Скопје и Куманово, во две правни лица и во едно министерство. Осум претреси пак биле спроведени во Италија. Акцијата се спроведувала изминативе два месеци, а македонската полиција соработувала и со меѓународните организации ОЛАФ и ЕВРОПРАВДА.

Првоосмничениот, инаку кадар на владејачката ДУИ, кој на функцијата државен секретар е од 2011 година и во 2005-та бил гонет за кривично дело Злоупотреба на избирачкото право и тогаш бил осуден со парична казна.

Матеја Петровски