Државна стипендија од 40.000 долари за ќерката на Димитров за студии во Холандија

Стипендија во висина од 40.000 долари за додипломски студии во Холандија добила Јана Димитрова, ќерката на Никола Димитров министер за надворешни работи, на итна седница на штотуку формирана комисија во Министерството за образование, открива Магазин.

Порталот дознава дека на 4 август 2017 година, само два дена пред распишувањето на локалните избори кога настапува и забраната за исплата на буџетски средства според член 8-а од Изборниот законик, тогашната министерка за образование Рената Дескоска, формирала комисија за доделување на стипендии за додипломски студии во странство. Веднаш, истиот ден комисијата се состанала и итно одлучила по барањето на Јана Димитрова да ѝ биде доделена државна стипендија за студии во Холандија, на Универзитетот во Утрехт.

Министерството за образование и министерот Димитров треба да одговорат дали исплатата на овие 40.000 долари или други средства поврзани со студиите на ќерката на министерот за надворешни работи биле исплатени на или во име на Јана Димитрова додека траела забраната за исплата? За буџетски исплати во овој забранет рок, кривично се одговара.

Освен школарина за Универзитетот во Утрехт, стипендијата на Јана Димитрова покрива и авионски билети до Холандија и од Холандија кон Македонија, на почетокот и на крајот на секоја студиска година. Стипендијата исто така го покрива и сместувањето за Јана Димитрова, која веќе има сопствен дом во Холандија, каде што живее нејзиното семејство, мајката и братот и сестрата.

Дали министерот Димитров, кој индикативно беше дел и од таканаречената „Амстердамска тројка“ која удираше по ВМРО-ДПМНЕ,  ја заобиколил транспарентноста и намерно ги сокрил овие 40.000 долари стипендија за неговата ќерка, па ги нема пријавено како дел од приходот на неговото семејство во Антикорупциската комисија, иако од анкетниот лист се гледа дека еден од неговите три стана му е пријавен токму како имот во сопственост на неговите деца?