Драмолетка во Софија: Генчовска поднесе остава- поради Македонија паѓа Владата во Бугарија

Кирил Петков останува без својата шефица на дипломатија. Теодора Генчовска најави дека поднесува оставка од позицијата министер за надворешни работи на Бугарија, а причината е Македонија. Во интервју за БТВ таа вели дека заминува од својата функција бидејќи премиерот имал намера да го заобиколи и крене ветото за Македонија, а таа информација ја дознала преку разговори со меѓународниот фактор.

-Министерството за надворешни работи е перфектна институција, од секоја средба има стенограм со соодветна квалификација. Во зависност и интересот и тематиката, се испраќаат до народното Собрание, Владата, администрацијата на претседателот, други министерства. Во наши разговори на претставници со европски институции, не информираа дека има други сигнали да кажам од премиерот, изјави Генчовска.

Премиерот Кирил Петков го демантираше ова тврдење на Генчовска, велејќи дека ширела лажни вести, порачувајќи дека не сакал тој сам да ја тргне блокадата. Уште еднаш повтори дека Бугарија има три услови кои Македонија мора да ги исполни за напредок на европскиот пат.

-Бугарија има три јасни барања за да имаме прогрес и напредок за темата Северна Македонија. Прво усогласеност околу рамковната позиција, која беше прифатена од бугарскиот Парламент. Вклучување на Бугарите во Северна Македонија во Уставот на Република Северна Македонија, за да можат нивните права да бидат заштитени. И трето, договорот за добрососедство да се исполнува. Просто и јасно, изјави Петков.

Дека Петков имал план да го крене ветото анализира и БГНЕС. Во текстот се потенцира дека бугарскиот премиер ќе се обидел таквиот потег да го претстави како победници потег за Бугарија.

-Кирил Петков навести и дека компромисот што се подготвува ќе биде „невиден успех“ за Бугарија, бидејќи вклучувањето на Бугарите во уставот на РМ ќе се случи пред првата меѓувладина конференција на ЕУ за Македонија (што е вистински почеток на преговорите) и дека тоа би го гарантирала Европа. Ова е всушност потврда на веќе напишаното од „БГНЕС“ во минатата недела дека подготвениот договор пред бугарското општество ќе биде претставен како огромна победа и целосно преклопување на условите за симнување на ветото од претходната позиција. Ова, се разбира, не е точно, пишува БГНЕС.

Токму Македонија е причината поради која Владата на Петков сега е на стаклени нозе, откако вчера Слави Трифонов најави дека неговата партија и 12-те пратеници ја напуштаат владината коалиција, со што Владата на Бугарија веќе го нема мнозинството.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести