Драматично иселување – цели делови од Македонија напуштени и запуштени

Заробен во сопствениот дом..вака ја започнува својата животна приказна 74-годишниот Славчо Дичов од кочанското село Кучичино. Трагајќи по подобра егзистенција на 26 години го напуштил селото и заминал во странство. Сите спечалени пари ги вложил во куќата за да обезбеди пристоен дом за своите четири деца. Но судбината си поиграла. Неговите четири деца заминале во странство, па сега најголемата и најубавата куќа во селото е празна. По прележан мозочен удар, оставен сам на себе единствена врска со потомците му се фотографиите на ѕидот. Надежта дека куќата ќе врие од детски џагор одамна го напуштила. Никој од децата не сака да се врати во родната земја.

Истата судбина на Дичов ја делат уште илјадници семејства во Источна Македонија. Селата одамна се испразнети, а истото се случува и во градовите. Виница, Пехчево, Делчево, Берово, Македонска Каменица стареат. Младите масовно заминуваат во Европа. Единствена причина за иселувањето е лошата економска состојба во која ни се наоѓа државата, тврдат граѓаните.

Негативната миграција не го заобиколи ниту Штип. Последните податоци на Секторот за јавни дејности во Општина Штип покажуваат дека за неполна година од средните и основни училиште во градот се отпишани 77 ученици. Се претпоставува дека најголем дел од нив се отпишани поради иселување на фамилиите во странство.


Александра Ристевска