Рекорден раст на инфлацијата во Македонија.  Официјална Статистика измери 19, 8 проценти, што е највисок процент  од почетокот на годината . Според официјалните податоци за една година храната поскапела за 32, 4 проценти, трошоците за комуналии пораснале за 9, 8, а за транспорт дури 14, 7 проценти.

За една година огромно поскапување има и кај прехранбените производи, најмногу поскапел лебот и житата и тоа за речиси 50 проценти , млекото јајцата и сирењето за нешто повеќе од 40 отсто, а маслото за 40, 3 отсто.

Трошоците на живот се потврда дека инфлацијата е вон контрола , реагираат од ВМРО – ДПМНЕ.

Опозицијата предупредува дека просечната инфлација до октомври е повисока за 50 отсто од проекцијата на НБРМ и дури 83 отсто  повеќе од проекцијата на Министерството за финансии и токму овие податоци покажуваат дека инфлацијата е вон контрола, наспроти уверувањата од власта дека е увезена и се должи на конфликтот во Украина. 

Еден од најзначајните домашни фактори кој ги разгоре инфлациските очекувања беше нестабилноста и ненавременоста на домашните мерки за намалување на инфлацијата. Ја нема никаде јасната борба од страна на централната банка за сузбивање на инфлацијата. Ја нема јасната борба од фискалната политика дека ќе и помогне со рестрикции во буџетот на монетарната политика за сузбивање на инфлацијата. И во 2023 година буџетот и понатаму е експанзивен и инфлаторен, велат од ВМРО – ДПМНЕ

И економистите со месеци наназад предупредуваа дека не смее да се дозволи инфлацијата да стигне до критични 20 отсто , оти ќе биде многу тешко да се контролира. Високата стапка на инфлација според експертите прво ќе удри по стандардот на граѓаните, ќе биде кобно за малите бизниси и на крај за целата држава.  

Стапката на инфлација во Македонија е највисока во целиот регион и според податоците од меѓународните финансиски институции. Во Срија стапката на инфлација е 14 отсто, во Косово 12,7 , Хрватска 12,8 , Босна и Херцеговина 17,3. Полоши од нас се Унгарија, Латвија и Естонија .

Според најновиот извештај на Светска Банка, Македонија има највисока стапка на инфлација во изминатите 25 години, а проекциите се дека инфлацијата ќе расте, а државава се соочува и со ризик од стагфлација, односно раст на цените при намалено производство.

Кристина Алексиеска

Advertisements