Драган Даравелски останува во Идризово, неговите бранители бараат повторно судење

Драган Даравелски останува во затворот во Идризово. Надлежниот суд во Куманово пресметал дека екс – директор на Царинската управа, не му е застарено за извршување на казната и треба да одлежи пет години. Но, неговата одбрана од Кривичниот суд побара повторно судење бидејќи првиот пат на Даравелски му се судеше во отсуство.

  • До Основниот кривичен суд Скопје, доставено е барање за повторување на постапката  на осуденото лице, од страна на неговиот бранител,  со оглед да истиот бил суден во отсуство. Согласно барањето оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно Законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на  мислење до Основното јавно обвинителство“, велат од Основен Кривичен суд Скопје.

Од судот во Скопје додаваат дека застарување на извршувањето на казната го утврдува судот според местото на последно живеалиште на осуденикот, во овој случај Основниот суд во Куманово. Од таму пак велат дека со преземените дејствија застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано.

  • „Согласно чл.109 ст.1 т.3 од КЗ застарување на извршување на казна затвор над 5 години настапува по 10 години од правосилноста на пресудата со која казната е изречена.  Согласно на чл.111 од КЗ застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежен орган, што се презема заради извршување на казната, а со секој прекин застарувањето почнува повторно да тече“, велат од Основниот суд во Куманово.

Одговорот на кумановскиот суд ја потврдуваат и од Министерството за правда.

  • Во однос на застареноста, неа ја констатира надлежен суд. Од известувањето кое го добивме од судот во Куманово апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1,К.бр.809/05 настапува на 26.03 2028 година“, дополнуваат од Министерството за правда.

Од министерството за правда велат дека последен пат е барана екстрадиција во јуни 2020 година, а претходно во 2004 и 2013 година. Всушност, последното барање од пред две години го помести рокот на застарување, затоа и апсолутната застареност е во 2028 година.

Пресметките на правната фела по апсењето на Даравелски поставуваа две можни варијантни за случајот на поранешниот прв човек на Царинска управа: првото поради барањата за екстрадиција тој да не може да се повика на застарување, и второто да побара повторно судење бидејќи во првото му се судело без негово присуство, со што се отвора можност за застарување на кривичното дело.

Даравелски вчера беше уапсен на граничниот премин „Табановце“, по 20 години поминати во бегство. Во 2007 година без негово присуство, беше осуден на седум години затвор за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

Викторија Миткова

Advertisements