До 90% поевтинува роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, тоа не важи за Грција и Бугарија

Од 64, на само 4,3 денари веќе од денеска ќе чини минута разговор од Црна Гора кон Македонија. Во земјите за западен Балкан роамингот поевтинува за околу 90%. Дојдовните повици со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија или Црна Гора ќе чинат 2,46 денари, за разлика од досегашните 25 денари.

Најголемо поевтинување има за потрошен мегабајт интернет. За 4G мрежата цените се намалени за дури 99% и наместо досегашната просечна цена од 218 денари, за еден мегабајт интернет ќе чини денар ипол. Поевтинување ќе имаат и СМС пораките. Испратена порака наместо 14 денари, сега ќе чини само 2,21 денар.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски на прес-конференција истакна дека при патување во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора ќе може да се користи интернет, да се испраќаат СМС пораки и да се добиваат повици и примаат повици за цени пониски дури и до 99 проценти.

– Конкретно, ќе можат да вршат повици кон земјите од Западен Балкан по цена од 5,05 денари по минута (со ДДВ), за што досегашната цена во просек беше 75,4 денари, ќе можат да примаат повици во која било од тие земји по цена од 2,9 денари по минута (со ДДВ), наместо досегашната од 30,2 денари и да праќаат СМС пораки по цена од 2,6 денари (со ДДВ), наместо како досега од 16,1 денар. Цените се линеарни, односно важат за сите земји и за било кој оператор, информира Манчевски.

Намалениот роаминг не важи за Грција и Бугарија. Меморандум за разбирање има, но конкретни чекори за поевтинување се уште нема. Манчевски рече дека најавени се пониски цени и кон Грција, но ќе треба да почекаме да завршат изборите кај јужниот сосед.

Од двата најголеми оператори Телеком и ВИП велат дека поевтинувањето на услугите немало да се одрази врз нивното работење. Главно според нив, било граѓаните да добијат квалитетни услуги.

Претставниците на операторите истакнаа дека ја поддржуваат иницијативата на Владата за намалување на цените за роаминг и покрај тоа што таа ќе им влијае на нивните приходи.

– Сметаме дека секоја иницијатива која оди во насока на подобрување на корисничкото искуство е позитивна. Ова е влијание врз роаминг приходите, но за нас врвен приоритет е корисничкото искуство и се што оди во насока на подобрување на тоа е позтивно. Во однос на сите останати подобрување во постојана комуникација сме на релација Влада – оператори и очекуваме дека ќе има позитивни ефекти, изјави Елена Танева, директор на маркетинг и продажба во операторот Оне ВИП.

Елена Белевска од одделот за односи со јавност во Македонски телеком, рече дека ги поддржуват ваквите иницијтиви бидејќи се работи за корисниците и нивното задоволство.

– Ова е партнерски проект и ние секако ќе работиме во корист на граѓаните. Сé што е помеѓу може да се испегла и да се најде заедничко решение во корист на корисниците, изјави Белевска.

Поевтинувањето е дел од стратегијата за изедначување на цените со ЕУ, каде роамингот не се наплаќа повеќе отколку во матичната држава. Поевтинувањето ќе се одвива постепено, со цел во 2021 целосно да се укине.

Борис Грујоски