До Нова година јавно-приватна детска кардиохирургија?

Ќе се стави ли клуч на врата на државната детска кардиохирургија? Овој оддел до крајот на годинава веројатно ќе се пресели во приватна болница , во пакет со лекарите кои сега оперираат под државна капа. Идејата за јавно приватно партнерство е пред реализација, иако како што тврди министерот Филипче дефинитивната одлука се уште не била донесена.

-Треба да ги отвориме вратите. Вреди да се разговара за ваков тип на партнерство. Секаде каде има простор, може да ги споиме домашната експертиза која работи во приватниот и во државниот сектор, да обезбедиме подобри услови, интегриран сервис на здравствена услуга. И кога никој повеќе нема да биде испратен за лекување во странство, Фондот ќе обезбеди голема заштеда и тоа не само во однос на лекувањето во странство, туку и за сегашното функционирање на одредена струка. Кардиолошките операции и кога ќе се извршуваат во приватна болница ќе бидат на товар на Фондот, а буџетот за оваа намена, ќе остане ист.Никој од пациентите нема да плати ни денар повеќе, нагласи Филипче.

Детската кардиохирургија не е единствената за која се размислува опцијата јавно-приватно партнерство. Во тек е физибилити студија за вакво решение за Брзата помош и Домашната посета. Министерството за здравство смета дека овие две служби се во лоша состојбата и дека нешто треба да се менува.

Јавно-приватното партнерство за министерот Филипче е далеку од приватизација, но можните вакви договори со себе носат ризици, дел од профитабилните установи на крајот и целосно да се приватизираат.  Упатените коментираат дека додека приватниот сектор се развива, а сè полоши се условите на државните клиники, па јавното здравство со ваквите партнерства би можело да „згасне“.

Сања Трајковска Ставров