До крајот  на октомври ќе стигнат забелешките од Оценувачката  мисија на ЕУ за Судскиот совет

До крајот на октомври ќе стигнат забелешките од Оценувачката мисија на ЕУ за Судскиот совет

На чекор пред објавувањето на извештајот на Оценувачката мисија на ЕУ која влезе во Судскиот совет поради скандалите кои го пратеа, експертите од македонското правосудство се согласни дека потребни се итни измени на законите за работата и функционирањето на Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители. Во однос на изборот на членови на највисокото правосудно тело, Судскиот совет, експертите препорачуваат да се дефинира поимот истакнат правник, постапката за именување и разрешување на претседателот, како и тоа да се предвиди начин според кој критериум Собранието ги избира, а претседателот на државата ги предлага.

Поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески оценува дека заради тромавоста на институциите резултати нема.  

Во однос на изборот на судии и јавни обвинители, професорката Ана Павловска Данева појасни дека само во Македонија се бираат кандидати ислучиво од Академијата за судии и обвинители, а тоа не е случај нигде во Европа.Според неа на овој начин кругот е стеснет, но мора да се најде решение и идните правораздавачи да се бираат без влијанија и да уживаат интегритет.

Според најавите на Министерството за правда, извештајот на Оценувачката мисија на ЕУ треба да биде готов најдоцна до крајот на месецов. Откако незаконски беше разрешена поранешната претседателка Весна Дамева, Европската унија испрати екипа која треба да ја провери работата на Советот и да даде препораки. Не само ЕУ, за влијанија и за незаконско постапување на Советот, обвинија и дел од амбасадорите во земјава. Австрискиот амбасадор обвини за корупција и влијание во судска постапка, а Холандска амбасада се откажа од проект поради скандалите во Советот.

Недовербата во правосудството според последните анкети е на ниво на техничка грешка од само 2 %. Иако денеска главна тема беше транспарентноста на правосудните органи и како до поквалитетно нивно функционирање, сепак ниту еден експерт не сакаше да одговори на прашања на медиумите.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста