До ВМРО-ДПМНЕ пристигнале 8 кандидатури за претстојните претседателски избори

До архивата ВМРО-ДПМНЕ пристигнати се 8 кандидатури, но конечниот број на апликанти ќе биде познат деновиве со оглед на фактот дека дел од апликациите, би можеле да стигнат и по пошта, објави денеска на прес конференција потпретседателот на партијата Владо Мисајловски.

-Сите кандидатури  дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за Претседател на Република Македонија, по која што проверка, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за кандидат за Претседател на Републиката.  Сите кандидати кои ги исполнуваат условите за претседателски кандидат ќе им биде обезбедено време и простор за презентација на нивната програма од страна на партијата пред општинските комитети и членовите во период од 6 до 16 февруари, изјави Мисајловски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи достапност до партиските ограноци за секој кандидат подеднакво, согласно принципите на демократијата, со цел членството да може да ги слушне нивните идеи, ставови и аргументи.

ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи конвенција на партијата во Струга, на 16 февруари, кога и ќе се знае кој кандидат ќе добие поддршка.

-ВМРО-ДПМНЕ  уште еднаш ја повикува власта да се охрабри и да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори. Хаосот кој го предизвикаа во државата не смее да продолжи. Власта која нема направено ништо за државата, а потроши две години од животот на граѓаните треба да си замине, заклучи Мисајловски.