Доцни автопатот Миладиновци – Штип, ќе бил пуштен во употреба кон крајот на месецов

Автопатот Миладиновци – Штип официјално ќе биде пуштен во употреба кон крајот на месецов – уверува директорот на Јавното претпријатие за државни патишта. Поради доцнење со изградбата, Владата во 2017-та потпиша анекс договор со кинески „Синохидро“ со кој рокот беше продолжен до крајот на септември минатата година. По повеќе одложувања на финиширањето на делницата, надлежните информираа дека по автопатот ќе се вози на крајот на декември 2018-та.

„Автопатот Миладиновци-Штип е завршен. Се подготвува техничката документација за техничкиот прием. Тоа е во делот на надзорот каде што ние не сме моќни. Поради снежните врнежи можеби деновиве некои контроли што треба да ги прават малку ќе бидат оневозможени, но очекувам крајот на месецов автопатот да биде пуштен“ – вели Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие на државни патишта.

Владата почнува да го гради автопатот Скопје – Блаце. Следниот месец треба да биде објавен тендерот за првата делница долга два километри од граница до клучката Блаце, која треба да почне да се гради во вториот квартал годинава и да биде завршена до крајот на 2020 година. Истовремено ќе се препроектира втората делница од клучката Блаце до клучката Стенковец. За овој дел од автопатот тендер ќе биде распишан во првите три месеци од следната година. По целиот автопат ќе може да се вози кон средината на 2023 година. Се уште не се знае колку ќе чинат патарините долж автопатот.

„Втората делница од клучката Блаце до клучката Стенковец кај Скопје е потешка за проектирање и изведба. На неа се предвидени четири тунели во должина од околу 4 километри, осум мостови, како и други објекти на патот во должина од 1,2 километра и други објекти. треба да има две коловозни ленти со по две сообраќајни ленти за возење со широчина од 3,5 метри и по една лента за застанување од 2,5 метри. Вкупната проектирана широчина на автопатот е 27,5 метри. На целата автопатска делница се предвидени две клучки, кај Блаце и кај Стенковец“ – вели Китанов.

Автопатот долг 12.5 километри со кој патувањето меѓу Скопје и Приштина треба да се скрати од два часа на 45 минути ќе чини 110 милиони евра. 73 милиони се обезбедени од ЕБОР, 27 милиони се дел од инструментот на ЕУ – Инвестициска рамка за Западен Балкан, а остатокот е од буџетот на јавното претпријатие за државни патишта. Владата дополнително ќе го утврдува името на автопатот. Предлогот на ДУИ е тој да се вика Арбен Џафери исто како и патот кој продолжува на косовската страна. Постојниот пат Скопје-Блаце треба да се рехабилитира следната година.

Тања Попова