Доцнењето му го спасило животот: Ова е најсреќниот Грк во светот денес

Грчки државјанин кој имал билет за кобниот лет во Етиопија бил единствениот кој не се качил на авионот, бидејќи задоцнил на бордингот „цели“ две минути.

„Бев бесен зотшо никој не ми помогна да стигнам до гејтот на време“, пишува Антонис Мавропулос на својто фејсбук профил во написот наречен „Мојот среќен ден“ во кој прикачи и фотографија од билетот кој, за негова среќа, останал неискористен.

Мавропулос е раководител во меѓународна компанија за цврст отпад и требало да патува во Најроби за да присуствува на годишна конференција на ООН, пренесува Атинската новинска агенција. Требало да се качи на авионот кој се сруши и во кој загинаа сите патници, но задоцнил и пристигнал 2 минути по затворањето на гејтот за качување на кобниот лет. Мавропулос купил билет за следниот лет, но обезбедувањето на аеродромот не му дозволило да патува.

Среќниот Мавропулос

„Ме одведоа до полициската станица на аеродромот. Еден полицаец ми рече да не се спротиставувам, туку да се заблагодарам на Бога, зошто сум единствениот човек кој не се качил на летот ЕТ 302 со кој е изгубена врската“, вели Мавропулос.

Бил задржан во полициската станица бидејќи сакале да му постават неколку прашања, бидејќи бил единствениот патник кој имал билет за летот, но не се качил во авионот, пишува грчкиот државјанин.

Покрај Мавропулос, уште еден човек тврди дека чистата среќа, односно доцнењето на лет кој требало да го донесе навреме во Адис Абеба за да продолжи за Најроби, му го спасиле животот. Ахмед Калид е човекот кој летал од Дубаи за Адис Абеба со намера да го фати кобниот лет за Најроби, меѓутоа поради доцнење на првиот лет не успеал во тоа.

На летот на новиот авион од типот Боинг 737 Макс 8 имало луѓе со пасоши од повеќе од 30 земји. Авионот кој се сруши 6 минути по полетувањето од Адис Абеба за Најроби е ист како авионот кој во октомври минатата година се сруши по полетување од Џакарта и во кој загинаа 189 луѓе.