Морбилите се шират – вакцинирани само 1200 здравствени работници

Само 1200 здравствени работни се вакцинирани во последните неколку месеци откако беше прогласена епидемија на морбили. Ова е многу мал процент со оглед на вкупниот број од околу 20.000 „бели мантили“ во земјава. Од Институтот за јавно здравје велат дека препораките важат и за лекарите, а освен тоа, за вакцинација на медицинскиот персонал одамна има и наредба од надлежните која мора да се почитува.

За да бидат заштитени и лекарите, но и пациентите, клучна е имунизацијата првенствено на медицинските работници бидејќи тие се во постојан контакт со луѓе на кои им е потребна здравствена помош. Ова заразно заболување веќе стави клуч на хируршкото одделение во струшката болница.

Досега со морбили се заразија 200 здравствени работници, но не е познато колку од медицинскиот персонал требало да се вакцинира, ниту пак дали лекари и сестри одбивале да примат вакцина. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат не дадоа детали – се уште траела вакцинацијата и допрва ќе се собирале податоците за тоа колку се имунизирани и дали останатите приложиле доказ дека не им е потребна вакцина.

На сите директори на болниците им се заканува казна доколку не постапиле по наредбата на Министерството за здравство за вакцинација на вработениот медицински персонал.

Сања Трајковска Ставров