Досегашното бугаризирање на историски личности е само почеток: Дури сега следуваат „проблематичните“ Илинден и Гоце Делчев

Бугаризирањето на Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум се само првите промени кога се историските личности во прашање. Дури сега следува ревидирањето на далеку попроблематичните периоди, односно илинденскиот и статусот пред се на Гоце Делчев. Дека тие теми следуваат во преговорите меѓу историчарите потврдува и првиот човек од македонска страна во историската комисија.
-Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период околу кој ќе дискутираме, дискусиите ќе траат. И во крајна линија доколку ние се договориме, ќе го презентираме, ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските решенија кои што посојат меѓу македонската и бугарската историографија, изјави Ѓоргиев.
Проблематично е што Македонија во овие преговори влегува во многу полоша позиција од источниот сосед, а за тоа вината може да се бара и кај самиот Драги Ѓоргиев, но и кај политичарите кои со своите зборови ги рушат македонските позиции во овие преговори.
-Точно е дека Гоце Делчев во писмото до Никола Малешевски кажува дека е Бугарин и за бугарскиот народ пишува нели да цитирам бугарското племе, нели ние сме дел од бугарското племе, и дека тие поделби меѓу тој народ доведоа до ситуација да бидат во таква ситуација во 903-та. И тука ние не можеме да го негираме тоа, изјави Ѓоргиев.
Покрај ставовите на Ѓоргиев, по бугарски терк се ставовите и на политичарите од власта. Поранешниот премиер Зоран Заев уште пред шест години порача дека Делчев, но и други илинденци биле заеднички и македонски и бугарски.
-(Зад нас е Гоце Делчев, народната гимназија се вика Јане Сандански, претпоставувам дека голем број на улиците се именувани сега по општи, македонски херои или бугарски?) Според мене тоа се личности од нашата заедничка историја, кои што може да не поврзуваат само и апсолутно треба да се радуваме на тоа што не поврзуваат, никогаш да не гледаме на такви работи да не разделуваат, изјави Заев во интервјуто емитувано на 17-ти ноември 2017-та.
-Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак Гоце Делчев, порача Заев.
За разлика од млакиот став на нашите политичари кога е историјата во прашање, во Бугарија сите се на истиот свој цврст став, дека Делчев и илинденците биле Бугари. Останува да видиме каков договор за овие македонски историски херои ќе постигнат македонските и бугарските историчари.
Матеја Петровски