Дождот престана, скопјани пак се гушат – буџетот за борба против загадувањето смешен, мерките популистички

Владиниот буџет за борба против загадувањето е смешен и мал, треба одлучни и храбри мерки за да се стави крај на проблемот, велат граѓанските активисти кои се борат за чист воздух. Во Отворено на Алфа тие констатираат дека мерките се популистички, зашто политиката размислува на кратка патека. Активистите алармираат дека проблемот е комплексен и треба да се гледа долгорочно.

Од граѓанските здруженија сметаат дека во главниот град премногу се гради, а не се гледаат ниту конкретни решенија, како што е миење на улиците што беше пракса порано. Потсетуваат дека исто така проблем е што нема реален попис колку оваа котлина може да издржи население и прашање е дали инфраструктурата ќе го издржи тоа.

Во меѓувреме ветрот и дождот деновиве се единствениот спас на Скопјани кои имаат привилегија да живеат во метропола која е во топ 10 најзагадени во светот, но и во тесна конкуренција за Зелена престолнина.

За граѓанските активисти амбицијата на Петре Шилегов, Скопје да стане Зелена престолнина е безмалку смешна. И додека за граѓанските здруженија е нејасно како може најзагадениот град да аплицира за зелена престолнина, скопскиот градоначалник е задоволен што е помината првата фаза на изборот.

Паралелно граѓани преку Фејсбук повикуваат на бојкотирање на наставата во училиштата поради загадениот воздух.

– Повикуваме на бојкот од страна на учениците, студентите, родителите но и професорите. Сметаме дека овој чекор е неопходен за конечно овој проблем да се разгледа сериозно, стои во образложението на иницијаторите објавено на социјалните мрежи каде веќе имаат над 3.000 заинтересирани.

Од граѓанските здруженија во борба за чист воздух ја оправдуваат ваквата мерка и велат дека тоа е единствениот начин кога надлежните не го штитат здравјето на граѓаните.

Во меѓу време, со новите мерки на власта 80% од сопствениците на автомобили нема да можат да возат во деновите кога загаденоста е енормна, бидејќи Македонија генерално има стар возен парк.

Борис Грујоски