Дождовите се добредојдени за земјоделските култури

Дождовите се очекувани и добредојдени и за есенските и за пролетните земјоделски култури, велат од Агенцијата за поттикнување на земјоделското производство во Прилеп.

Според Горан Томески, агроном-советник во Агенцијата, очекуваните дождови ќе ја подобрат хидролошката состојба што беше лоша поради сушниот период во раната пролет. Житните култури се во одлична состојба, а дождот е добар за штотуку почнатото расадување на тутунот и на градинарските култури кои ќе добијат воедначено поникнување.

-Овие се добредојдени дождови. Житните култури сега се во одлична состојба, сметајќи го периодот кога немаше врнежи и не можеше да се изврши прихраната. Сега сите оние површини каде квалитетно е извршена прихраната, житните култури во најголем дел се во фаза на вретенење и очекуваме дека ќе биде санирана штетата од сушите во раната пролет. Во однос на пролетните култури, почна садењето на тутунот, главно во долненскиот регион, и на градинарските култури во Кривогаштанско. Врнежите за овие култури се идеални, па ќе имаме воедначено поникнување на оние култури кои се засеани семенски, а оние кои се засадени со расад, нема да има угинување поради сушите, овбјаснува Томески.

Од евентуално невреме, кај земјоделците се очекувани стравувањата, но од година во година се зголемува нивниот број што го осигуруваат родот, што е единствена заштита од евентуално невреме.

-Процентот на осигурани површини со сериозни култури се зголемува, така што и оваа година, преку програмата за директните плаќања, 60 насто од полисите зе покриени со поддршката на Министерството за земјоделство, односно државата. Осигурителните компании што имаат земјоделско осигурување, го почнаа процесот на осигурување на културите. Затоа апелирам до сите земјоделци да ги користат бенефициите од државата и да го осигуруваат родот. Да се надеваме дека нема да има никакви оштетувања, смета Горан Томески, агроном-советник во Агенцијата за поттикнување на земјоделското производство во Прилеп.