Додик: ЕУ да и даде на БиХ статус на земја кандидат за членство

Српскиот член на босанското тричлено Претседателство, Милорад Додик денеска ја повика Европската унија да и додели на Босна и Херцеговина статус на земја кандидат за членство, истакнувајќи дека е време меѓународните судии и претставници на меѓународната заедница да ја напуштат земјата.

Додик, заедно со останатите двајца членови на Претседателството на БиХ, Бошњакот Шефик Џаферовиќ и Хрватот Жељко Комшиќ, денеска официјално ќе стапат на должност на церемонија во Сараево.

– Ја повикувам Европската унија веднаш да и додели статус на земја кандидат за членство на Босна, изјави Додик, додавајќи дека таквиот потег ќе биде доказ за конструктивен пристап на ЕУ, наместо да го поддржува меѓународното мешање во државата.

Босна и Херцеговина поднесе барање за прием во ЕУ во 2016 година, но Брисел смета дека се уште заостанува со потребните реформи за доделување на статусот кандидат за челнство.

Додик истакна дека ќе инсистира на заминување на високите претставници на меѓународната заедница во БиХ и на меѓународните судии. Нивните надлежности во БиХ се регулиран со Дејтонскиот мировен договор, со кој беше ставен крај на граѓанската војна во земјата од 1992 до 1995 година. Повеќе од 100.000 луѓе загинаа за време на војната, а околу два милиона ги напуштија своите домови.

Додик минатата година беше ставен на „црната листа“ на САД, под обвинение дека го нарушува Дејтонскиот договор.