Додека Петровска и Желино се караат, Општина Бутел ја отпочна постапката за споменик за македонските бранители

Општина Бутел отпочнува постапка за подигање споменик за 8-те убиени македонски бранители кај месноста Љуботенски Бачила  во 2001-та година. Иако градоначалникот Костовски ја покани министерката за одбрана Петровска, заедно да ја погледнат локацијата која ја одбра општината за поставување, споменик, таа не дојде. Костовски, се надева дека изјавата на Петровска не беше само декларативно кажана, и конечно државата ќе подигне споменик за македонските бранители од 2001-та година.

  • Навистина ми е жал, иако утрово беше уредно поканета со официјален допис од Општина Бутел до Министерството за одбрана односно до министерката Петровска, да дојде заедно да ја погледнеме локацијата бидејќи денеска практично Општина Бутел ја отпочнува документацијата за подигање на споменик на оваа локација, за да се подигне Таа не дојде на мое огромно жалење и не сакам да мислам дека во текот на вчерашниот ден само декларативна и беше изјавата, и се надевам дека понатаму нема да изнаоѓа изговори како да не дојдеме до споменик“ вели градоначалникот Костовски во изјава за Алфа.  

И додека Бутел веќе ја почна постапката, министерката за одбрана Петровска се уште се кара. Го изигнорира Костовски, додека на градоначалникот на Желино му возврати со зборовите: „во услови кога градбите на пола општина му се дивоградби не е баш умесно да ми дава правни совети“.

Таа тврди дека споменици ќе има на сите три локации за што било поднесено иницијатива и ќе бидат финансирани од Министерството за одбран.

  • Споменици ќе има на сите три локации за кои поднесов иницијатива и тоа ќе го направи Министерството за одбрана. Поднесувањето на иницијативите е само почеток, а не крај на постапката. Градоначалникот на Желино нека не мудрува и нека постапи по иницијативата која е читко и јасно напишана, каде се цитирани одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја“ – вели Петровска во изјава за МИА.

И по повеќе од две децении македонските херои кои ја бранеа татковината немаат достоинствени спомен обележја туку плочи. За борците на ОНА, пак, никна 20 метарски споменик среде село Слупчане за кој од општинската каса на Липково се одвоија 200 илјади евра.

Викторија Миткова

Advertisements

Поврзани вести