Договорот за „пријателство“ на дело – Говор на омраза од трибините на фудбалскиот натпревар во Софија

Во Софија има улица „Ѓорче Петров“, овие сигурно не знаат, Ѓорче Петров е бугарски револуционер, еден од водачите на ВМОРО, Живеел помеѓу 1865-1921 година.

Бугари, Бугари од трибините, Ѓорче Петров е бугарски револуционер од коментаторот – вака помина натпреварот помеѓу Македонија ЃП и ЦСКА во Софија. Иако македонско-бугарска пресметка пред една недела во Скопје, помеѓу двете фудбалски екипи мина без никакви провокации, гостувањето на „лавовите“ во Софија донесе тешка провокација од приврзаниците на „армејците“, кон фудбалерите од Ѓорче Петров – пишува бугарски Д Спорт.

Како што пренесува бугарскиот медиум, фудбалерите на Македонија ЃП ги игнорирале повиците и воопшто не изреагирале на големите провокации од страна на приврзаниците на противникот.

Но што чека Скопје за да реагира по ваквиот скандал на трибините на ЦСКА Софија? Дали македонското МНР има намера да испрати претставката за говор на омраза адресирана на Министерството за надворешни во Софија? До сега молк од МНР, Алфа се уште ги чека одговорите од кабинетот на шефот на дипломатијата.

Фудбалска федерација на Македонија остро го осуди однесувањето на поединци или група на навивачи кои како што велат нанесуваат штета на клубовите и фудбалот. 

Фудбалската федерација на Македонија постојано праќа порака до сите чинители во нашиот спорт – НЕ за национализам, НЕ за дискриминација, НЕ за говорна омраза, НЕ за насилство на фудбалските терени. Фудбалската федерација на Македонија секогаш остро ќе го осудува однесувањето на поединци или група на навивачи, кои нанесуваат штета на своите клубови или фудбалот воопшто. Нашата порака за навивање секогаш е во духот на фер-плејот, почитта и толеранцијата кон противничките екипи и сите љубители на фудбалот велат од ФФМ.

Реакција нема ниту од УЕФА кои беа брзи во отварањето на дисциплинска постапка против Фенербахче, откако група навивачи на турскиот клуб го скандираше името на рускиот претседател Владимир Путин за време на натпреварот во Истанбул против Динамо Киев.

Од Фенербахче пак велат дека некои навивачи не го претставувале клубот, ниту неговите позиции или ставови, напоменувајќи дека клубот од Истанбул е против војната во Украина.

Викторија Миткова