Договорот за добрососедство веќе не е доволен- дали се подготвува нов договор меѓу Македонија и Бугарија?

Пет години откако Заев и Борисов ставија параф на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, сега не постои заеднички прифатлив документ за двете земји. Непостоењето на таков документ е и причина за блокада на европскиот пат, за која во моментов тешко се гледа начин да биде тргната. Зборовите дека не постои заеднички прифатлив документ дојдоа од устата на премиерот на Македонија.

-Во овој момент не постои документ кој што е заеднички прифатлив за двете страни и кој што може да претставува основа за решение. На нас ни е потребно брзо решение, меѓутоа не избрзано решение, изјави Ковачевски.

И покрај потпишаниот договор дека немаме договор со Бугарија многу пати можеме да слушнеме и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

-Ние тоа што го имавме го кажавме на сите средби, дури го формализиравме во различни документи, така што ние не работиме на нешто ново од тоа што досега го разговараме. Очекуваме Република Бугарија да има консолидиран став на Владата по однос на тоа што понатаму со овој процес. За жал, комуникација има, но конкретни разговори, се додека не го слушнеме тој консолидиран став од Бугарија немаме, изјави Османи.

И така нарушениот оптимизам кај македонските власти секојдневно го рушат и нивните колеги од кај источниот сосед. Премиерот Кирил Петков по втор пат откажа посета на Скопје, велејќи дека немало договор, а со тоа немло ни причина да дојде во Македонија. Порака ни испрати и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска. Таа ги искажа зголемените апетити на Софија, порачувајќи дека веќе нема да е доволно само влегувањето на Бугарите во Уставот.

-Вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Македонија нема да биде доволен за кревање на ветото на Софија за Скопје, Има претставници на кабинетот и различни институции кои, се надевам, веќе разбраа дека Бугарија не може да има две надворешни политики. Ако има некаков напредок за тоа како ќе се развиваат нашите односи со Македонија во иднина, сето тоа ќе помине низ одлука на Националното собрание. Ќе продолжиме да објаснуваме каков е нашиот став, што очекуваме од преговарачкиот процес и какви гаранции сакаме да бидат вклучени во преговарачката рамка, изјави Генчовска.

Од бугарскиот претседател Румен Радев ни пристигна порака дека мора да има писмени гаранции дека македонија ќе го испочитува договореното со Бугарија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека вакво би била комплетна капитулација за Македонија.

-Ако тоа го прифати оваа Влада, тоа значи комплетна капитулација. Да преведам или асимилација и европска иднина или никогаш нема да имаме европска иднина, тоа е изборот немаме трета опција. Да влезе тоа во преговарачката рамка подразбира или асимилација и бугаризација сега кога практично и јасно станува дека преку Охридската Архиепископија имаме многувековна различност во однос на бугарскиот и останатите балкански народи, изјави Мицкоски.

За разлика од сите други, оптимизмот се уште го нема напуштено собранискиот спикер. Талат Џафери од Берлин ни испрати порака дека Македонија ќе ги започнела преговорите со Европската унија во јуни годинава, иако јасно е дека Бугарија ќе ни испорача ново вето.

Матеја Петровски