Договореното од историската комисија стана дел од билатералниот протокол меѓу Скопје и Софија – Ковачевски не открива детали

Записникот од Вториот состанок на историската комисијата е всушност темелот на билатералниот протокол за кој согласност дале и владата во Скопје и во Софија, објавува бугарската агенција БГНЕС. Протоколот ги поставува конкретните услови што Скопје мора да ги прифати за да го укине бугарското вето а тоа значи дека постигнатите договори во Комисијата за историски и образовни прашања за Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум Охридски, цар Самуил, богомилството како дел од „заедничката историја“ и идните договори за другите личности од македонската историја ќе се врамат во овој концепт и ќе станат „бугарски“. Според објавата на БГНЕС, тоа ќе значи дека историски не постоел и не постои македонски народ, а оттаму не постои македонско малцинство во Бугарија.

Премиерот Димитар Ковачевски  не открива дали имаме направено нови отстапки по последната средба со бугарските власти. Наместо конкретен одговор Ковачевски побрза да се оправда дека протоколот не значел и нов документ со Бугарија, единствено што било потпишано со Бугарија бил Договорот за добрососедство. Засега тврди Ковачевски, не е пристигнат ниту еден документ од Бугарија.

Македонските власти одбираат да молчат и за протоколот и за тоа дали сме го смениле ставот и сега прифаќаме билатералниот спор да стане дел од преговарачката рамка. Ама затоа во пресрет на одлуката на европските лидери бугарскиот претседател Румен Радев ги зголемува апетитие и вели дека не барале Бугарите да бидат вметнати како малцинство, туку како државотворен народ. Време за кревање на ветото – немало, вели Радев.

Иако од македонската влада билатералниот протокол го претставуваат како редовна постапка после средбите на двете влади, извори од бугарското Собрание за Алфа велат дека предвидено е во преговарачката рамка да биде вклучен и билатерален протокол меѓу Софија и Скопје за имплементација на Договорот од 2017. Не знаеме што има во овој протокол и дали во него се вклучени и другите бугарски барања. Тоа ќе биде клучот. Утре во нашиот парламент ќе расправаме за гласање недоверба на премиерот. Ако падне владата, нема кој да преговара со Македонија. Ќе имаме нови избори, вели нашиот извор.

Амбасадорите на Европската унија вечерва ќе се сретнат во Луксембург за да разговараат за таканаречениот „француски предлог“ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија и почеток на преговори за членство со Скопје и Тирана. Ставот на Бугарија за преговарачката рамка предложена од француското претседателство се очекува да го искаже Комисијата за надворешни работи на Националното собрание, откако Владата на 15 јуни ги усвои сите одлуки поврзани со спорот со Македонија од бугарските пратеници.

Ивана Соколовиќ Најдова