Договорена набавка на противвоздушна одбрана од Франција: Среде енергетска ќе купуваме опрема за бранење од небо

Среде енергетска, а и економска и финансиска криза, Македонија ќе набавувала систем за противвоздушна одбрана. Колку пари ова ќе ја чини Македонија засега не се знае. Министерството на Славјанка Петровска веќе постигнало договор со француското Министерство за одбрана, кој наскоро и ќе биде склучен, па со повеќегодишна набавка ќе сме купувале систем за да се браниме од небо.

-Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција. Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата, информираат од МНР.

Она е што е помалку чудно е што оваа набавка доаѓа во период кога Македонија нема никаква воена закана, посебно не од небо. А уште почудно е што доаѓа во период кога македонската власт секојдневно се фали дека НАТО ни го чувало небото, за што Владата често и се фали со прелет на авиони од други земји над нашето небо. За ова Владата правеше и специјални церемонии.

А се фалеше и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

-Слетувањето на авионите Ф-35 значи дека Република Македонија е дел од нешто што е поголемо од сите нас, е дел дека за нас и безбедноста у регионот стојат сите сојузници со сите свои капацитети. Овој елемент на интеграција во НАТО на воздушниот простор, за нас е една од најважните активности на војската во мирновременски услови, изјави Петровска.

Од Министерството за одбрана информираат дека подетални информации околу типот на воената опрема и динамиката на испорака ќе имало наредниов период, кога договорот целосно ќе бил склучен.

Матеја Петровски