Довчерашните концесионери на плажите во Охрид ќе работат на диво

Попушта трпението на довечерашните концесионери на плажите-свесни дека договорите им се одамна истечени, отворено кажуваат дека ако државата и локалните моќници кои седат во градоначалничките фотељи не се договорат околу ингеренциите за стопанисување со крајбрежјето, тие ова лето ќе работат на диво. Четири месеци Владата тактизира со одземањето на ингеренциите врз плажите, под изговор дека најпрвин требало да се донесат законските измени кои се во собраниска процедура уште од фебруари.

Поранешните концесионери не сакале да кренат голема врева оти стравувале да не бидат приморани плажите да ги вратат во првобитна состојба и да мора да срамнат со земја се’ што изградиле. И додека тие бараат од општината да изнајде модус, како што велат, да ја турнат оваа летна сезона, експертите се’ погласни, ценат дека одземањето на ингеренциите на општините ќе има ефект само доколку се стави ред во искористувањето на плажите и се донесе закон со кој ќе се заштити крајбрежјето. На сите плажи кои изминативе 12 години се издаваа под концесија наместо да се направат објекти од времен карактер, се изградија цели угостителски објекти со огромни габарити. Надлежните не само што не реагираа, туку дозволија концесионерите да аздисуваат приграбувајќи дел од крајбрежјето.

Професор Мариноски кој своевремено го раководел тимот кој ја изготвувал студијата, а потоа и проектот за уредување на плажите, потенцира дека главна препорака во истиот била обрзбедување на мексимална еколошка заштита на крајбрежјето.
Оградувањето на плажите вели, требаше да биде со жардињери или друг вид хортикултурно уредување, да се обезбеди максимална проодност на плажите, а на локациите да нема објекти од цврста градба. Предвидовме додава, да се форимира комисија од архитекти кои ќе ги разледуваат проектите со кои ќе конкурираат потенцијалните концесионери на плажите.

Инаку, стопанисувањето со плажите е вносен бизнис, за илустрација само од издавањето под закуп на 5 плажи,општините инкасираа околу 250.000 евра годишно.

Росица Голабоска