„Доверливо“ – МНР не кажува за каква дејност и со колку пари се платени членовите на историската комисија

„Доверливо“ – Со ваква класификација МНР оценува за каква дејност и со колку пари се платени членовите на историската комисија. Засега јавноста не може да потврди дали преговарачите со Бугарија кои ја кројат македонската историја се исто така назначени во разни управни и надзорни одбори, како и други државни ангажмани.

– „Бараните информации од Ваша странa се класифицирани со „Доверливо“ до истек на законските рокови. Поради тоа, Министерството објективно не е во можност да ги достави бараните информации.“ – Пишува во одговорот од МНР.

По се изгледа ознаката доверливо се однесува и за тоа за што точно се платени, дали ги плаќаат месечно, дали по учинок или по секоја средба, и дали добиваат дневници.

Иако засега не е е познато за што се друго се платени преговарачите Драги Ѓоргиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, Александар Литовски, Љубица Спасковска и Љупчо Ристески, според системот на Отворени финансии се гледа дека само од МНР од 2018 наваму имаат инкасирано над 250.000 евра.

Најмногу народни пари за да ни ја кројат историјата земале во 2019-та. Тогаш членовите на комисијата своите џебови ги наполниле со преку 95.000 евра. Втора најплодна година им била 2021-та, кога од државата инкасирале безмалку 62.000 евра. Во пандемиската 2020-та, од државниот буџет заработиле нешто помалку од 36.000 евра, додека пак најслаба година им била 2018-та, кога се формираше комисијата. Тогаш зеле 26.000 евра.

Од членовите на комисијата најмногу се офајдил првиот човек Драги Ѓоргиев, кој до пред само 2 месеци од МНР добил речиси 86.000 евра.

За платата која ја земаат од народот, според протоколот помеѓу Бугарија и Македонија, тие договориле менување на учебниците за петто одделение во Бугарија и шесто во Македонија, како и заедничко чествување на светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил, како и препознавање на Самоил како бугарски цар, а неговата држава, бугарско царство.

Алфа ТВ со барање за информации од јавен карактер побара од владата и од МНР да ги обелоденат нивните ангажмани и надосместоци уште во Август, а одговор добивме дури по два месеци.

– „Имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на
барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето“ – Член 21 од законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Што значи дека Министерството под раководната палка на Бујар Османи и ДУИ го прекрши законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради тоа што ја остави јавноста да чека цели два месеци, само за да каже дека станува збор за тајни информации.

Никола Цветкоски

Advertisements

Поврзани вести