Добрососедство со вкус на омраза: Шест години од потпишувањето на договор меѓу Македонија и Бугарија

Шест години од договорот за добрососедство со Бугарија, кој ни донесе се освен ветуваното добрососедство. Парафите на како што сами си се нарекуваа браќата Зоран Заев и Бојко Борисов, доведоа само до уште поголемо раздалечување меѓу две соседни земји и два соседни народи.
Денес, шест години подоцна Бугарија ни е најголемата пречка на европски пат, а на први август 2017-та најавите беа сосем други. По потписите во македонскaта Влада, ветувана ни беше светла европска иднина и тоа директно од поранешниот македонскиот премиер Зоран Заев.
-Република Македонија и Република Бугарија направија историски чекор напред, изјави Заев при потпишувањето.
Мед и млеко течеше и од устата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Со пофалби за властите од двете страни ни вети дека ќе ни бидат главна поддршка на европскиот пат.
-Затоа сакам да го поздравам и премиерот Заев, министрите за надоврешни работи и нивните тимови. Работеа неколку месеци исклучително активно, за да имаме потпишување на договор со толку убаво име, добрососедство, изјави тогаш Борисов.
Власта беше глува на предупредувањата дека овој договор ќе ни донесе само проблеми, што можеме да го видиме сега. Поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, за Алфа вели дека овој договор е штетен и директно удира врз македонските национални интереси, но и е темел на сегашните максималистички барања на Бугарија.
-Одредбите од тој договор предизвикуваат ревизија на македонската историја, тоа е прво, второ туторство на македонската историја и трето промена на колективната историја на Македонците. Така што тоа е недозволива, несмасна и недопустлива грешка на македонската дипломатија во тој момент, на први август 2017-та година. И од тој договор сите проблеми на Република Македонија со Република Бугарија. Да го немавме тој договор ситуацијата ќе беше сосем поинаква, вели Ѓорчев за Алфа.
Од овој договор произлегоа и сите протоколи кои подоцна ги потпишаа македонските и бугарските власти, со кои барањата на Бугарија, станаа дел од преговарачка рамка со ЕУ, односно сега и европски услови. Од добрососедскиот договор произлезе и заедничката историска комисија, која досега договори дека Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум, покрај македонски биле и бугарски, додека пак Самоиловото царство во македонската историографија, под покровителство на шефовите во комисијата, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, стана бугарско.
Матеја Петровски