Добиточниот фонд во Пелагонија опаѓа

Се помалку говеда и краварски фарми е секојдневната слика во Пелагонискиот регион, кој објективно е најголемиот ресурс во Државата за млекопроизводство, но и за млечниот бизнис воопшто. Ценовни диспаритети, скапите ветеринарни услуги и нови технологии, откупни игри и секако, макотрпна работа  во фармите со многу предизвици се причините за овој тренд. Ситнењето на фондот со говеда, најмногу го чуствуваат ветеринарните станици.

  • Состојбата кај другите ветеринарни станици и по теренот, може да се каже дека е алармантна. По мое слободно убедување и контакти со моите колеги, годинава во Битола и Битолско, значи вклучувајќи ги општините Могила и Новаци, ќе имаме две до три илјади грла добиток помалку од лани- рече ветеринарниот лекар Зоран Филипов, сопственик на ветеринарната станица во с. Кравари.

Нашата репортерска екипа, деновиве истражуваше, кои се феномените на овој  надолен тренд.

  • Една од најголемите причини за намалувањето на добиточниот фонд во Пелагонискиот регион е строгиот критериум за откуп на млекото, а евентуално и новите правилници тоа и ќе го забрзаат. Прашање е колку се едуцирани млекопроизводителите, колку имаат технолошка дисциплина за да го произведуваат и , накрај, кои им се математиките да ги продаваат говедата, наместо да произведуваат млеко?- /Ст. ап/

Млекопреработувачите и ветеринарите велат дека малите фармери не се доволно едуцирани и не можат да се справат со трошоците, технологиите и технолошката дисциплина за да постигнат квалитет на произведеното млеко според европски стандарди, па затоа сегашната откупна цена ги носи во колапс.

  • Со новиот Правилник во 2020 година, ќе треба да има само 100. 000 бактерии во милилитар со 400. 000 соматски клетки и бараме преку Владата и Држвата за ваков квалитет, да се помогнат фармерите со уште два денари по литар, за да можат да го постигнат овој квалитет и сите тие трошоци да ги покријат што ги бара самата фарма- рече Мирко велковски, сопственик на млекарницата “Вемилк“.

Од  подрачната единица на ресорното министерство велат дека овие состојби ќе се детектираат и ќе се преземат соодветни мерки.

  • Со новите мерки кои ги презема Министерството за земјоделие, продолжуваме да ги истражуваме причините поради кој се намалува сточниот фонд во пелагонискиот регион и се надеваме дека со мерките што ги предвиодуваме по натаму, ќе овозможиме за зголемување на добиточниот фонд- рече Менде Илиевски, началник на ПЕ на Министерството за земјоделие во Битола.

За идната година иако се најавува зголемување на субвенциите во говедарството за 30 отсто, можеби тоа ќе биде и задоцнета мерка, особено што за фармерите   ахилова пета станаа ветеринарните услуги, за кои бараат даночни олеснувања. Ако не се реагира правилно, суровинската основа во млечниот бизнис ќе стаса до колапс, а лошиот абер доаѓа од Пелагонија која објективно ги има најголемите потенцијали.

Петар Стефановски