Дијабетичарите повторно молат за лек, “Жардијансе” нема во аптеките, надлежните без одговор

Дијабетичарите повторно молат за лек. Овој пат го бараат лекот “Жардијансе”. Саше Димовски кој е дијабетичар а има проблем и со срцева слабост алармира дека лекот со месеци го нема редовно во болничките аптеки. Револтирано прашува до кога ќе се “маткаат” пацинетите кои имаат итна потреба од лекот? Потенцирајќи дека освен што е приморан лекот да го купи на приватно, од други држави, најголем проблем е што состојбата нагло му се влошила.

“Во последнава година речиси нема месец кога лекот “Жардијансе” бил на време. Во моментов го нема, и не се знае дали за мај ќе дојде.Тој лек не смеам да го прекинам, опцијата ми е да го барам во аптеките во Македонија, во слободна продажба чини три илјади денари. Секое прекинување на лекот е ризично, мене минатата недела ме доведе до болница, затоа што го прекинав лекот, затоа што го немаше” – вели за Алфа, Саше Димовски кој е дијабетичар.

Димовски бара надлежните да ги променат бирократските процедури, за навреме да го добиваат лекот.

“Откако јавно реагирав дека лекот го нема, голем број на луѓе ме информираа дека дека одат и го купуваат во Врање или во Приштина и дека лекот е двојно поефтин. Јас гласно прашувам,дали оваа Влада ќе не тера со сила да одиме во Србија да го купуваме лекот. Или пак, ќе не ослободи и данокот кој ни го зима за здравствено осигурување да им го префрлиме во Косово или Србија” – изјави Димовски.

Министерот за здравство два дена по ред вети дека ќе провери зошто го нема лекот жардијансе.

Прашавме и во ресорното министерство – зошто го нема лекот и кога ќе го има? Но одговор не добивме.

Инаку лекот “Жардијансе” е германски лек, кој има големо влијание за слабо срце и срцевиот мускул, и е со голема примена кај пацинетите со дијабет.

Ања Лукарова

Advertisements