Дисциплински за 11 надзорници во затворот во Шутка, Котевски даде оставка

Против 11 надзорници во Истражниот затвор во Шуто Оризари, се покренати дисциплински постапки поради пропусти во работењето, а во врска со нападите врз поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, потврдува директорот казнено-поправниот дом, Ѓоко Котевски, кој за „Алфа“ вели дека извештајот, во пакет со неговата оставка во текот на вчерашниот ден ги испратил до Владата, Министерството за правда и до Управата за извршување санкции.

Сè уште се чека на извештајот на Управата која врши надзор на работата на затворот, по што можеби ќе се зголеми бројката на вработени кај кои се евидентирани пропусти во работењето.

Од Владата за „Алфа“ велат дека документите од затворот во Шутка пристигнале, како и дека оставката на Котевски е прифатена, но назначување на нов директор на затворот ќе има дури по изборите. Според процедурата, до изборите, Владата нема право да назначува нови раководни лица.

Она што засега е познато е дека народниот правобранител во истрагата што ја спроведува констатирал низа неправилности и непочитување на безбедносните протоколи и правила за работа кај затворската управа. Васка Бајрамовска заменик народниот правобранител потврди дека кај дел од учесниците во минатонеделниот инцидент биле пронајдени мобилни телефони, туку и марихуана.

Пропусти, според заменик народниот правобраниетел имало и во однос на начинот на кој што притворените се извадени на шеталиште, како и за начинот како е извршен прегледот потоа, така и во однос на тоа што се нарекува проценка на безбедносниот ризик.

Додека затворските власти испитуваа каде потфрлил системот или нападот на поранешните министри бил исцениран, деновиве преку писма и статуси на социјалните мрежи, кумановската група, обвинети за настаните од Диво Насеље, упатуваа многубројни закани на адреса на Јанакиевски и Ристовски, но и на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, како и до првиот човек на ДУИ.

Поранешниот министер Миле Јанакиески е дома, судот ја преиначи првичната одлука и мерката притвор му ја замени со куќен притвор, но во Шутка остана Спиро Ристовски.

Сања Т. Ставров