Дискриминацијата во пораст, предничат луѓе од власта

Драстично зголемување на претставките за дискриминација во текот на 2018-та година, во однос на претходните години, а Комисијата која треба да оценува дали лицата се дискриминарани, според експертската јавност е на нивото на непрофесионална и некомпетентна институција, која е зависна од политички влијанија.

-Голем дел од комесарите, посебно оние од сегашниот состав, сметаат дека одредени политички видувања, дејствувања на дел од комесарите и те како го нарушиле имиџот на комисијата. За жал комисијата остана на нивото на непрофесионална институција, некомпетентна, и се уште зависна од политички влијанија, изјави Марија Гелевска од ЕСЕ.

Проблем претставува и што чести дискриминаторски практики имаат политичари од власта, смета Игор Јадровски од Хелсиншкиот Комитет, кој вели дека посебен проблем е што нема конкретни мерки како да се спречи овие луѓе да вршат дискриминација.

-Одредени политичари кои што важат за блиски до моменталната власт или пак новинари, имаат константи дискриминаторски практики, и тука изостанува прво покренување на постапка по службена должност, а второ изостануваат конкретни мерки кои ќе ги спречат овие луѓе да вршат дискриминација, изјави Јадровски.

Марија Гелевска од ЕСЕ смета дека новиот закон на хартија изгледа добро, но дека истиот нема да вроди со плод доколку не бидат обезбедена поголема финансиска помош од државата за решавање на овој горлив проблем.

-Она што дополнително загрижува е тоа што голем дел од комесарите сметаат дека  и дури и со донесувањето на новиот закон, самиот закон нема да вроди со плод доколку државата навистина не алоцира финансии за воведување, односно за работа на стручно административно тело, доколку финансиски не се овозможат одредени алокации, да презема промотивна улога комисијата, да презема активности за едукација на јавноста, изјави Гелевска.

Проблем на Комисијата за заштита од дискриминација е и транспарентноста, имено таа две години нема функционална веб страна.

-Комисијата веќе две години нема функционална веб страна, што само по себе влијае на транспарентноста на комисијата за заштита од дискриминација, на отвореноста за соработка, изјави Јадровски.

Најчести жртви на дискриманација се лицата од ЛГБТ заедницата, лицата со попреченост, етничките малцинства, пред се Ромите. Бројот на претставки во 2018-та година во однос на 2017-та е повеќе од двојно поголем, лани до Комисијата пристигнале 132 претставки, додека годината пред тоа 59.

Матеја Петровски