Директорот на Бирото за развој на образование не чувствува одговорност за доцнењето на учебниците
Хаос во здравството, хаос и во образованието. И таму неадлежните како да не се надлежни. Креваат раменици за проблемите со учебниците кои најверојатно ќе се прелеат и во наредната учебна година. Упатените предупредуваат дека образованието е на дното и бараат сериозни реформи ако сакаме да имаме писмени генерации.
Не чувствувам никаква одговорност за доцнењето на учебниците. Ова го изјави првиот човек на Бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи, откако голем дел од учениците останаа без книги во текот на минатата учебна година. За проблемот да биде уште поголем, родителите стравуваат дека шестоодделенците може да не добијат учебници и во новата учебна година. Станува збор за предметите македонски јазик, математика и историја. Надлежните велат дека требало да се почитуваат процедурите.
- Не чувствувам одговорност за доцнењето на учебниците. Откако се изработени работните групи повторно сме ангажирале и второстепена комисија за разгледување евентуални пропусти. Откако сме ја изработиле конечната верзија, тогаш сме ја доставиле, можеби не сите програми одеднаш, но поедничено, по една, два програми до Министерството за образование и наука (МОН). Мислам дека во средина на март ги доставивме програмите. Ако постапката за печатење за учебници оди по сите прописи, жалбени постапки, мислам дека во септември ќе има учебници, рече Хасипи.
Mинистерот за образование пак смирува. Јетпн Шакири вели дека правеле напори учебниците за шесто одделение да стигнат на време на почетокот на новата учебна година, но за тоа, вели, клучни биле повеќе фактори и процедури.
- Исто така некои од наставните програми за трето одделение се доставени се доставени во ноември минатата година. За трето одделние сме во напредна фаза, а за шесто ќе се обидеме да го стигнеме први септември. Се прават сите подготовки на први септември навремено да бидат доставени учебниците. Што се однесува за предметот географија за седмо и за деветто одделение мислам дека системот веќе се отвори и веќе за сите предмети кои ќе имаат барања од страна на училиштата ние ќе доставиме учебници, рече Шаќири.
Додека учениците се во грч дали ќе имаат книги од следната учебна година, професорите велат дека образованието го допрело дното. За процесот да мрдне од мртва точка, велат, морало да има сериозни реформи ако сакаме писмени генерации.
- Мора да има сериозна реформа во образованието, каде етапно се изработуваат нови наставни програми, нови учебници по сите предмети. Тоа ќе отвори простор за аргументација на потребата од политичко образование, компаративни искуства од областа на политичкото образование, како и модуси на кои истото би можело да се вклучи во нашиот образовен систем, кој за жал е на многу ниско ниво, вели универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
И додека образованието е на многу ниско ниво, министерството за образование во консултации со синдикатите и наставниците ќе достави три предлози до Владата за стартот на новата учебна година. Првиот е да се почне на 1 септември, втората опција е 11 септември, но без пролетен распуст и да трае до средината на јуни, и третиот предлог е да се почне на 1 септември, но со пролетен распуст од 5 дена и учебната година да заврши кон средина на јуни.
Борис Грујоски