Димитров контра Заев – има или нема записници од разговорите со пранкстерите?

Владата и МНР со спротивставени ставови. Премиерот Зоран Заев вели дека неговиот тим секојдневно води белешки за сите негови официјални средби и телефонски разговори. За Димитров, пак тоа било практика од минатиот век. Коментирајќи го скандалот со телефонската измама со лажните Порошенко и Столтенберг, шефот на дипломатијата вели дека во 21-от век дипломатијата се водела брзо и преку директни врски. Не одговара конкретно дали белешки од спорните разговори биле испратени до МНР бидејќи, според него, тоа не било пресудно во случајот.

А пред само неколку дена, кога премиерот пред новинарите се правдаше како и зошто наседна на шегата на руските пранкери, Заев рече оти за сите средби и разговори неговите советници водат белешки кои потоа се архивираат како државни документи.

Само ден по скандалот со телефонските разговори во кои Заев оддава државни тајни и споделува броеви на високи светски државници, тој се пишмани па рече: Не постои протокол кој мене ќе ми кажува со кого да зборувам.

Ваквите спротивставени мислења отвораат дилема околу безбедноста на државните институции. Надлежните се правдаат дека со полседниот случај на измама не била нанесена штета на интересот на државата и ветија дека во иднина ќе бидат зајакнати протоколите за безбедни комуникации во Владата.

Биљана Божиновска