Димитров за Алфа: одлуката за новата цена на струјата ќе биде политичка

Определувањето на цената на струјата дефинитивно ќе биде политичка одлука – дециден е енергетскиот аналитичар Константин Димитров. Тој вели дека производната цена на државните електрани е многу повисока од онаа што вчера ја понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум. Смета дека надлежните не се доволно транспарентни и не ја информираат јавноста за сите аспекти од енергетскиот сектор. Тврди дека Владата како и во изминатите години ќе мора да реагира за да го зачува социјалниот мир, да го заштити стандардот на населението и за власта најважното, да ги задржи гласачите. За граѓаните да имаат ниска цена на струјата, задолжувањата ќе бидат преголеми.

„Апсолутно е политичка одлука. Нема дали да биде. Не е ниту економска, ниту финансиски оправдана. Политичка одлука, борба за гласови за преживување. Сметаат на гласачката маса, на потрошувачите на електрична енергија, а стопанството го уништуваат. Тоа е јасно. Се гледа од авион. Уништување на стопанството“ – вели Димитров.

Вчера АД ЕСМ понуди за 16% повисока цена на струјата на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ. Сегашната цена од 48 евра за мегаватчас се зголемува на 56 евра. Ова била и единствената понуда на тендерот. ЕСМ се обврзал да покрие 100% од потребите за првите 6 месеци од 2023-та година. Затоа пак државните електрани понудиле пониска цена, односно 110 евра за мегават час наместо досегашните 143 евра за потребите за технички загуби во системот на Електродистрибуција. Наредната недела ќе се знае и каков ќе биде исходот на тендерот распишан од преносниот оператор Мепсо. Димитров вели дека сумата која се пресметува по основ на загуби е преголема за македонскиот енергетски систем.

„Во загубите има голема сума. Ако се неколку такви неквалитетни трансформатори како што е во Арачиново, таа сума што се дава за загуби е превисока“ – вели Димитров.

Конечната цена која граѓаните ќе ја плаќаат од први јануари ќе се знае кон крајот на месецов. Регулаторната комисија за енергетика треба да ги направи крајните пресметки и да ја соопшти цената. Одлуката најмногу ќе зависи од понудената цена на државните електрани, но и од цената на преносниот оператор МЕПСО, цената на операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција. Премиерот Ковачевски не даде одговор дали Владата ќе реши да го амортизира ударот кој би можел да падне врз граѓаните. Надлежните изминатите неколку недели упорно ја уверуваа јавноста дека ценпвен шок ќе нема. Напротив, оние што најмалку трошат ќе плаќале исто, а другите повеќе. Она што со сигурност се знае дека сметките ќе бидат „посолени“ бидејќи ДДВ за струјата се зголемува од 5 на 10% по Нова Година.

Тања Попова

Advertisements