Димитров верува во заеднички цели со Бугарија – од Софија порака: Гоце e Бугарин, вие сте втора бугарска држава

Македонија со Бугарија дели големи заеднички цели кои не смеат да бидат загрозени од прашањата поврзани со Договорот за пријателство, какво што е она за Гоце Делчев. Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред утрешната посета на Софија рече дека за овие работи ќе има можност да разговара со бугарските домаќини, но уверен е дека ќе биде изнајден начин Бугарија да биде наш промотор во европската интеграција.

– Како соседи што потпишаа Договор за пријателство, кој допира и до многу деликатни и емотивни прашања за двете страни во смисла на историјата, убеден сум дека ќе најдеме начин низ почит кон другиот и пријателство да не ги загрозиме овие важни цели. Убеден сум дека македонскиот успех во смисла на европската интеграција е многу важен и за соседна и пријателска Бугарија и ќе најдеме начин тие не само да не бидат пречка, туку да бидат и промотор како што впрочем беа и минатата година во Советот за општи работи и неодамна на последниот што се одржа во Луксембург, рече Димитров, на прес – конференцијата со министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка Ине Ериксен Сореиде.

Од Бугарија меѓу пристигнуваат сосем поинакви пораки. Министрите за надворешни работи и одбрана ,Захариева и Каракачанов нималку дипломатски ни се заканија дека без признавање дека Гоце Делчев се чувствувал како Бугарин Македонија може да биде блокирана на европскиот пат, додека премиерот Бојко Борисов на средбата на лидери на држави и влади од ЕУ, ни порача дека уште треба „да зрееме“. Од пониските ешалони на бугарската политичка сцена, како и од тамошната академска заедница воопшто не избираат зборови во заканите и навредите, а последен во низата е евро пратеникот Ангел Џамбаски според кого за Бугарија, Македонија никогаш нема да биде ниту северна, ниту јужна, ниту горна ниту долна, туку само братска втора бугарска држава на Балканот. Заканувајќи се дека членството на Македонија во ЕУ зависи од препознавање на историската вистина според бугарски терк, Џамбаски изјави дека македонската нација политички постои од втори август 1944 година, кога „банда бугарски болшевици и шумкари во подрумот на Прохор Пчињски“ направиле антифашистичко собрание во Македонија. Претходно, тврди Џамбаски, населението во Македонија според карактерот самосвеста и самоопределување се чувствувало исклучиво како бугарско.

Драган Милосављевиќ