Димитар Ковачевски троши двеста евра на ден за лична промоција на Фејсбук
Дека парите за кампањи и за промоции не се проблем за Димитар Ковачевски покажува и неговото трошење за реклами на Фејсбук.
Од профилот на премиерот во последниве три месеци се потрошени 18.680 евра за промовирање на неговите објави на Фејсбук, односно за рекламирање на неговите содржини. Овие рекламирања ги нарачал и платил СДСМ.
Само во последниов месец за промовирање објави од профилот на Ковачевски се потрошени 6.122 евра. За промовирање на содржини од профилот на неговата партија СДСМ за еден месец се потрошени 2.683 евра, а за последните три месеци 10.683 евра.
Премиерот објавува и спонзорирани статуси кои ги плаќа Владата, со кои најчесто се промовираат убавините на Македонија, нејзината кујна, вина, туристичката понуда на земјава и слично.
Како нарачатели на спонзорирани реклами се јавуваат и министри од владата, како што се вицепремиерите Бојан Маричиќ (411 евра месечно) и Фатмир Битиќи (354 евра), министерот за земјоделие Љупчо Николовски (229 евра) и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, која меѓу министрите е шампион во „поединечна конкуренција“ со потрошени 466 евра месечно за платена промоција на личните објави на својот профил на Фејсбук.