Дилема пред судот – дали братот на премиерот е јавна личност?

Дали братот на премиерот, Зоран Заев, Вице Заев е јавна личност? На колку фирми е сопственик и управител тој, во колку фирми има удел и акции? Едно рочиште, а во околу половина час два спротивни одговори од братот на премиерот на државата, вака беше денеска во граѓанскиот суд, на рочиштето каде Вице Заев го тужи потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, оти го навредил и го болела главата кога го слушал во една прилика на телевизија.

Вице Заев прво кажа дека бил 100 процентен сопственик и управител на две фирми, Тотал Инженеринг и Тотал Електрик, а акции имал во само уште две во Струмица. За подоцна кога на прашање на Николоски, дали има удели и во фирмите „Дравас Инженеринг“, „Сара Инженеринг“ и „Сара Јавор“, да кажe дека има акции, но нивниот број бил помал од 20 проценти.

Николоски праша дали фирмите на Заеви имале профит во минатите две години, на што доби одговор дека имало но тој бил во рамките на маргините. Вице Заев пред судот кажа и дека членови на неговото блиско семејство имале удел во компании кои се занимавале со производство на медицински канабис, иако претходно на рочиштето кажа дека нема ништо со овој бизнис. Сите овие моменти според Николоски му дале нему право да каже дека Вице Заев станал главен бизнис фактор во државата.

-Самото денешно рочиште покажа дека е целосно беспредметна тужбата и дека е нема поента зошто е поднесена и целосен нонсенс. Работа која што се утврди денес на ова рочиште е дека истиот е сопственик на повеќе компании од она што е познато во јавноста, изјави Николоски.

Вице Заев пак во својата тужба против Николовски вели дека не е јавна личност, за што пак подоцна веќе не беше сигурен. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тужбата е беспредметна со оглед тоа што се докажало дека братот на премиерот е јавна личност, што според него значи дека нешто што вас е објавено можете да го потврдите и демантирате, но не и да тужите пред суд.

-Не знам дали постои дефиниција за јавна личност. Јас лично сметам дека не сум јавна личност, а ако е ваша перцепција дека сум еве прифаќам да сум, но тоа не му дава право на никого да прави лажни сценарија, да креира јавни вести, изјави Вице Заев.

Вице Заев бара отштета од 500 евра и извинување бидејќи во јавување во живо во една телевизија , Николоски рекол дека про-НАТО и про-ЕУ не се наместени тендери и дека благодарение на нив, Вице Заев станал бизнис фактор во државата. Братот на премиерот кажа дека целта на оваа тужба да се прати порака до сите чинители на јавниот живот да нема шпекулации со цел да се оцрнат луѓе.

Матеја Петровски