ДИК поништи гласање на 7 места -Во Зајас на секоја 24 секунда гласало по едно лице?

Дали се репризира референдумското сценарио? Во неделата во Зајас, меѓу 15 и 17 часот , на местото 0816 гласале неверојатни 297 граѓани, или едно лице на секоја 24 секунда- констатирал тимот на Силјановска Давкова. Ова го приложија во еден од 14 приговори што ги образложуваа денеска пред ДИК барајќи да биде поништено гласањето.
Приговорот не беше прифатлив за членот на ДИК од ДУИ.
Но реагираа останатите членови, побараа да се пребројат гласовите на лице место.
По првото броење повторно реагираше Шеху. Побара да се повтори оти не им веруваше на бројките на колегите. Сепак на крајот излезе уште еден проблем. Во кутијата има 4 ливчиња повеќе од напишаните во записникот. Ова беше основа за поништување на гласањето на ова место.
Комисијата образложи дека е ненадлежна да одлучува за тоа дали се полнети кутии или не. Топката е сега во институциите. Ќе реагира ли обвинителството – се чека на реакција.
Инаку ДИК го поништи гласањето, односно одговори позитивно на вкупно седум приговори од Силјановска Давкова за неколку места во Кавадарци, Центар, Аеродром, Куманово, Охрид. Во најголем дел од случаите, Комисијата констатираше недоволна спремност на избирачките одбори, оти не сите гласачи се потпишувале на избирачките списоци, па излегуваа повеќе ливчиња од кутиите отколку запишани лица.Особено во Охрид каде се гласаше и за градоначалник. Овие одбори,комисијата едногласно констатираше дека треба да се разрешат.
Одбиените приговори беа отфрлени заради немање доволно докази, записници и слично.
Тимот на Река немал ниту еден приговор.
Искра Коровешовска