Диво Насеље: Пцости и навреди кон судиите, oбвинетите не го признаваат Судот, скандираа оваа е Албанија

Тензично на почетокот од јавната седница по жалбите на обвинетите за терористичкиот напад на кумановско Диво Насеље од пред 4 години. Пцости кон 5 члениот судечки совет, „оваа е Албанија“, „говорете на албански“, за на крај 29 обвинети да ја напуштат големата сала од Врховен Суд каде се одржуваше јавната седница…

Како по смислено сценарио, обвинетите чекаа да влезат камерите во судницата, за да станат и да прочитаат хвалоспев за загинатите во Куманово, а потоа почнаа навредите и пцостите кон судот и судиите.

Зборуваа во хор, дека не го признаваат судот, дека судиите во оваа земја се бегалци, а тие, биле автохтон народ. Повторија дека бараат меѓународна истрага како што им било ветено.

Залудни беа обидите на судијката  која ја води јавната седница, дека нивна волја е дали ќе останат во судница и им појасни дека присуството не е задолжително и јавната седница може да трае и без нив.

Обвинетите воопшто не ја слушаа туку бараа да бидат изнесени од судницата, се откажаа и од нивните адвокати им забранија да зборуваат бидејќи цела година воопшто не ги посетиле во затворот..

Јавната седница во Апелација која е закажана за денеска и утре ќе продолжи без 29 обвинети, постапката ја следат само тројца од кои за двајца првостепената пресуда е ослободителна, а еден со 12 години затвор е во куќен притвор. Во Диво Насеље обвинети се 37 лица, од нив 4 ца денеска го известија судот дека нема да присуствуваа на јавната седница, а жалбите до второстепениот суд да ги образложат нивните адвокати. По завршување на жалбената постапка Апелација  во најкус можен рок ќе треба да донесе одлука дали ќе ја потврди првостепената пресуда, ќе ја укине или предметот ќе го врати на повторно судење.

Катерина Гетева