Дескоска ги пронашла амандманите, останува прашањето дали ќе ги прифати

Министерството за Правда успеало да ги лоцира амандманите за законот за јавно обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ вчера вечерта по завршувањето на ТВ дуелот меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Вчера вечерта по завршувањето на ТВ дуелот пристигнаа амандманите до министерката Дескоска“, е изјавата која за МИА ја соопштиле утрово од Министерството за правда. Дуелот заврши во 21 часот.

Но, адвокатот Тони Менкиноски од правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ кој е дел од работните групи кои работат на Законот за јавно обвинителство, вчера прати слика како доказ дека амандманите биле испратени во 16:19 минути.

„Мистеријата“ околу испраќањето и примањето на амандманите не е решена, но фактичката состојба е дека амандманите се поднесени и Дескоска ги примила. Останува да се види дали истите ќе бидат усвоени.

Вчера во тв дуел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повика премиерот Зоран Заев да ги прифати амандманите, за да не го кочи интегративниот пат на Македонија кон ЕУ.

Заев најави дека ако ВМРО-ДПМНЕ не се согласи со власта за Законот за јавно обвинителство, „државата ќе најде начин како тоа да го реши“.