Десет дена жалост во Велика Британија – Кралицата ќе биде погребана покрај принцот Филип

Британија се простува од својата кралица Елизабета втора, која владееше седум децении и важеше за најмоќниот британски монарх. Таа почина на 96 годишна возраст во дворецот Балморал во Шкотска, а веста за нејзината смрт ја соопшти Бакингемската палата.  Британското знаме на врвот на Бакингамската палата беше спуштено на половина копје во 18:30 часот по локално време, откако неколку часа претходно кралските лекари соопштија дека се загрижени за нејзиното здравје и порачаа дека мора да биде под медицински надзор.

Сите нејзини деца – Чарлс, принцезата Ана , принцот Ендру и принцот Едвард  веднаш се упатија во шкотскиот замок за да бидат со својата мајка, откако беше соопштено дека на кралицата и е потребен постојан медицински надзор. Ним им се придружија синовите на Чарлс – принцот Вилијам и неговиот брат принцот Хари.

Најстариот од нејзините четири деца, Чарлс, принцот од Велс, кој со 73 години е најстариот наследник на тронот во британската историја, веднаш автоматски станува крал на Обединетото Кралство. Официјално е потврдено дека ќе се вика Чарлс III . Но поради почит кон кралицата неговото крунисување нема да се случи за брзо време.

„Церемонијата на крунисување обично се чека една година бидејќи се смета дека е несоодветно да се одржи крунисување веднаш по смртта на претходниот монарх. Тоа е долг период на жалост.“ изјави Кејт Вилијамс – професорка по историја на универзитетот во Рединг, Англија.

Освен во Лондон, луѓето ширум светот ѝ оддаваат почит на починатата кралица и положуваат цвеќе пред британските амбасади во своите држави. Знамињата на Европската Унија пред Европската комисија во Брисел се спуштија на половина копје.

„Мислам дека е шок, тага. Но, исто така, сакаме да прославиме каква неверојатна жена беше. И едноставно почувствувавме дека мораме да дојдеме овде денес и да оддадеме почит затоа што таа отсекогаш била дел од нашите животи и малку е веројатно дека некогаш повторно ќе имаме кралица во нашите животи. Затоа, сакаме навистина да се сеќаваме на неа“.

„Уште кога бев дете, ја гледавме. Мислам дека ова е голем шок за нацијата. Знаете дека боли и многу луѓе тагуваат. Да, Ова е голема загуба за земјата и за сите ширум светот“.

Период на жалост на британското кралско семејство за кралицата Елизабета Втора ќе трае од сега до седмиот ден по погребот, соопштија од Бакингемската палата.

„По смртта на Нејзиното Височество Кралицата, желбата на неговото височество кралот е од сега до седум дена по погребот на кралицата да се почитува период на кралска жалост“, се вели во соопштението, од Бакингемската палата

 Одделно од националната жалост, која се очекува владата да ја прогласи денеска, кралската жалост треба да ја почитуваат „членовите на кралското семејство, персоналот на кралското домаќинство и претставниците на кралското домаќинство на службени должности.

Бојана Златкова