Десеткратно поскапата струја значи клуч на врата за многу бизниси

Откако нема конкретнен договор за поевтина струја од соседството, стопанството бара начин како да ја преброди енергетската криза, со високите сметки за компаниите. Првиот човек на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров за Алфа вели дека освен големите индустриски капацитети, на удар ќе бидат и малите компании кои веќе ставаат клуч на врата. Вели дека сметките за струја им пораснале за над 10 пати во однос на лани. Стравува дека ако цените на струјата продолжат да растат, бројот на затворени фирми ќе биде голем.

  • Потребни се многу похрабри одлуки за да не се доведеме во ситуација после да последиците да бидат толку големи да тешко да се надокнадат. А за разлика од короната каде што сите држави беа во слични проблеми сега не е исто, имаме држави кои имаат многу поевтина цена на струјата и нивното стопанство, нивните компании се поконкурентни на светскиот пазар, што значи нашите компании со три пати повисока цена на струјата ќе ја изгубат својата конкурентска моќ. Тоа може да се одрази многу негативно и на бројот на работници и на бројот на компаниите во иднина, изјави Ангел Димитров – претседател на Организација на работодавачи

Иако Владата на бизнисот му вети струја по пониски цени и најави дека новиот пакет помош, сепак за тоа ќе треба да се почека. Стопанството смета дека владината помош од околу 70 милиони евра, колку што ќе тежи новиот пакет ќе биде недоволна.

  • 70 милиони евра споредено со една милијарда што потрошивме за време на короната се многу малку пари и со нив едно е да се помогне на фамилиите, семејствата а и некои мали потрошувачи што Владата и сега го прави. Но во овој момент од тие 70 милиони евра за стопанството не верувам дека и покрај најдобрите желби дека може нешто да се помогне, додава Димитров за Алфа.

Стопанството уште од поодамна го вклучи алармот за тешкотиите кои ги имаат поради високите сметки за струја, а државата досега само ја ограничи маржата на трговците со струја на 10%.

И додека опозицијата критикува дека состојбата не чини, Власта се правда дека договор е можен и земјава нема да се соочи со големи последици.

Според најавите, македонската делегација која бара помош од соседството, очекува да издејствува цена пониска за најмалку 15% од онаа во моментот на берзата. Но проблемот е што за Бугарија како членка на ЕУ, важат стриктни регулативи за продажба на електрична енергија на слободниот пазар.

На последната средба – македонскиот и бугарскиот премиер разговарале за соработка, без конкретни детали за тоа по која цена ќе биде испорачана струјата од Бугарија.

Инаку, стопанството веќе затвори дел од погоните поради високите сметки за струја. Ако во најскоро време нема посериозна помош, кризата ќе се продлабочи.

Борис Грујоски