});

Десетици жртви по напади на талибанците во две авганистански провинции

Најмалку 14 лица загинаа во талибански напади во северната авганистанска област Тахар и југоисточната провинција Газни, соопштија денеска локалните власти.

Од 14 до 20 војници на авганистанската армија беа убиени откако милитантите ја нападнаа нивната база во областа Кавја Гар во Тахар околу еден часот по локално време, изјавија членовите на провинцискиот совет Мохамед Азам Афзали и Сајед Салахудин Бурхани за ДПА.

Според нив, во нападот биле повредени меѓу 10 и 16 лица.

Афзали изјави дека во близина на округот Даш-е Арчи синоќа биле убиени седум војници, а неколкумина биле ранети.

Во меѓувреме, продолжуваат и нападите на талибанците во областа Џагори во Газни, и засега не е познато колку војници и цивили  загинале во овие инциденти.

Талибанците рано утрово почнале да напаѓаат и презеле два полициски контролни пункта кои претходно ги загубија во воздушните напади во областите Хоткул и Давуд, соопштија членовите на провинцискиот совет, Калик Дад Акбари и Мохамад Навроуз. Борбите во областа се уште се во тек.