Ден на Ромите: Политичарите се заложија за инклузија, еднакви права и достоинствен живот

По повод Меѓународниот ден на Ромите, кандидатот за претседател Гордана Сиљановска Давкова во изјава за медиумите рече дека вреди да се одбележуваат важни датуми, како овој ден на Ромите во светот, меѓутоа уште повеќе вреди секој ден да биде пристоен ромски ден.

„Се разбира Република Македонија на овој план уставно правно зошто Ромите си го најдоа заслуженото место во Преамбулата, и институционално правно може да се пофалиме дека водевме сметка за своевидно самоуправување или себе управување во рамките на општина во која мнозинството се Ромите како што е Шуто Оризари. Но, мислам дека на овој ден треба да се обврземе да исполниме и многу други предизвици врзани за ромската заедница, особено на планот на правичната и соодветна застапеност на сите нивоа на власта, особено на посебна заштита на ромската заедница како најранлива категорија не само во светот и во Република Македонија. Тука мислам на посебните усилби за образованието, за здравството, за социјалната заштита“, рече Силјановска Давкова.

Сиљановска Давкова рече дека се надева дека идната година на овој ден ќе имаме можност да ги истакнеме успесите во она што е предизвик за сите нас во почитувањето и остварувањето на ромските права.

„Ако станам претседателка на Република Македонија едно од моите први обраќања ќе се однесува на ромската заедница. Се разбира дека ако мојата ќерка ја одгледала Ромка, една прекрасна жена која влегла во нашиот живот и ние во нејзиниот, не знам зошто не би побарала помош од Ромките и Ромите и во вршењето на претседателската функција“, рече Силјановска Давкова.

Честитка за Меѓународниот ден на Ромите од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски:

„Почитувани припадници на Ромската заедница, дозволете ми, во мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, на сите припадници на ромската етничка заедница, да Ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април. На овој ден Република Македонија ја одбележува културната специфичност и традиција на ромската заедница која е една од најстарите на нашата територија. За нас, Ромската заедница е нераскинлив дел од македонското мултирелигиско, мултијазично и мултиетничко општество.

Како во минатото така и во иднина ВМРО-ДПМНЕ напорно ќе се залага за унапредување на социо-економскиот статус, политичката и културната позиција на Ромите во општеството. Потребна е поголема поддршка за подобрување на социјалната, економската и севкупната положба на Ромите во Република Македонија, бидејќи само со инклузија на Ромите ќе ги надминеме предизвиците со кои се соочуваат Ромите денес во Република Македонија. Цврсто сум убеден дека во иднина ќе го продолжиме со концептот на почитување на сите заедници во државата и одржување на стабилно и одржливо мултиетничко општество.

Искрено, на сите припадници на ромската заедница им посакувам добро празнично расположение, многу здравје, љубов, успех и благосостојба во Вашите семејства. Нека Ви е честит 8 април – Меѓународниот ден на Ромите!“, стои во честитката од Мицкоски.

Потребно е силно ангажирање од сите чинители за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбите на Ромите во државата. Еднакви права и достоинствен живот за сите, е единствениот пат за една успешна заедничка земја. За тоа не се доволни само конференции и проекти, туку и делување за градење вистинско инклузивно општество.Ова беше истакнато денеска настанот во Собранието на Македонија по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“ во организација на Здружението на граѓани „Ромаверзитас“.

Владата има силна политичка волја за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбите на Ромите во државата и ќе се ангажира и натаму за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјата. Толеранцијата е најважен услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи во концептот едно општество за сите, атолернцијата и солидарноста се наша заедничка вредност, изјави во обраќањето премиерот Зоран Заев.

Истакна дека денеска празнуваме и славиме една уникатна традиција, верувања и култура, како значајна вредност на светското, но и на македонското културно наследство.

Потсети дека Првиот светски конгрес на Ромите одржан на 8 април 1990 година, е еден од најважните историски датуми за ромската заедница, кога Ромите добија своја химна, и азбука и се изборија за загарнтирано право да бидат еднакви во општествата и да ги уживаат сите права без дискриминација.