Ден на победата над фашизмот – 78 години подоцна исправени пред предизвикот на негирање на македонскиот идентитет

9 мај 2023 година – 78 години од прогласувањето на победата над фашизмот – крајот на најкрвавата, најразорувачка војна во светот – започната од темните сили на фашизмот. И по 78 години Македонија е исправена пред предизвикот на негирање на македонскиот идентитет, историја јазик од страна на Бугарија, иако нашата антифашистичка борба била заснована на потрагата по слобода и заштита на македонскиот идентитет.

Упатените се децидни дека за оваа состојба најголем придонес дала политиката на поданички однос кон Бугарија – земјата која во тие времиња била на страната на Третиот рајх. Од друга страна, историски факт е дека Ние сме дел од светската антифашстичка борба која придонесе светот да се развие во едно позитивно светло.

Политиката има свое влијание. Факт е дека нашата политика беше стерилна, вазална, со поданички однос кон Бугарија што ја стимулираше нивната склоност на фаворизирање на некои вредности, тие во ВСВ беа на страната на Третиот рајх. Ние бевме на вистинската страна, бевме на страната на Антифашистичката борба. На страната на победничката коалиција. И наместо цело време тоа да го апострофираме, ние бегаме од тоа. И така, Бугарија најде можност, да се притисне Македонија, и да се пренапишува историја, како што во многу случаи се прави во европска димензија. Штом се брише Денот на победа над фашизмот, а се слави Денот на Европа, тука ви е се јасно – вели поранешниот дипломат Марјан Ѓорчев.

Денеска треба да се присетиме за сите борци кои го дале животот за слобода на македонскиот народ – борците кои крволочно биле измачувани од бугарските фашисти. на денешната свеченост пред Владата, од Сојузот на борци испратија порака дека македонската војска се бореше за свој национален идентитет и своја држава.

Македонскиот народ и војска се бореа за свој национален идентитет и своја држава. Борците на војната често ги искажуваа револуционерните слогани „Да живее Македонија – смрт на фашизмот слобода на народот. Но борците кои беа сурово измачувани од крволочните бугарски фашисти го изговараа слоганот од Кочо Рацин: „Роди се човек, роб умри“ – рече потпретседателот на Сојузот на борци, Наум Буревски.

Сме биле негирани од некогашна фашистичка Бугарија, сега сме негирани од европска Бугарија. Со Договорот за добрососедство не само што и дадовме на Бугарија одврзани раце да го негира постоењето на македонскиот народ, да бара да менуваме учебници, да бришеме „бугарски фашистички окупатор“ од спомен обележја, туку и да провоцира, со отворање клубови и здруженија, именувани по соработници на Хитлер. На Македонија и требаше повеќе од една година да ги затвори.

Дека фашизмот не е победен, покажа и скандалозниот однос на пратеникот од Бугарија,Ангел Џамбаски, кој среде Европскиот парламент, упати фашистички поздрав.

Адријана Алексиеска

Advertisements