Денес започнуваат Богородичните пости

За разлика од она што повеќето мислат и чувствуваат, периодот на духовната напрегнатост, Богородичниот пост, е време на радост, затоа што тоа е време кога се враќаме дома, време кога можеме да оживееме. Успенскиот пост треба да биде време, кога од себе го истресуваме она што во нас остарело и омртвело, за да стекнеме способност да живееме – да живееме со потполниот простор, со потполната длабочина и интензивност, кон кои сме повикани.
Сè додека овој момент е недостапен и неразбирлив за нас, во нас ќе се случува чудовишна и богохулна пародија; божем во име Божјо, сопствениот живот ќе го претвориме во постојано мачење за самите себе и за оние што ќе треба да плаќаат заради нашите бесплодни обиди да станеме свети“ (митрополит Антониј Сурошски).
Богородичниот (или Успенскиот) пост се смета за есенски пост и, навистина, тој ја отвора вратата на новото годишно време, а ја завршува црковната година: 14 септември, по нов стил, е црковната нова година.
Овој пост има потекло од древните времиња на Христијанството. Јасно укажување за Успенскиот пост наоѓаме кај Лав Велики, околу 450 година: „Црковните пости се поставени во годината, така што се припишува особено воздржание за секое време. Така, за пролетта има пролетен пост – 40-те дена на Великиот пост; за летото има летен пост (Апостолскиот); за есента има есенски пост, во седмиот месец (Успенскиот); за зимата има зимски пост (Божикниот)“.