Денеска ќе се знае кој ќе биде нов директор на АНБ- четири клана, три имиња, кој ќе победи во СДСМ?!

Оливер Лукаровски, Зоран Ангелоски, Жарко Милошоски- овие три имиња циркулираат во јавноста за позицијата на Виктор Димовски. Како што веќе неофицијално е познато четири клана во СДСМ се борат за директорското место во АНБ. Денеска треба да се знае дали тоа ќе биде човек на премиерот Ковачевски или пак можеби на неговиот претходник Заев, а свои математики си имале и Спасовски и Миле Зечевиќ.

На вавките шпекулации во јавноста реагираше и поранешната потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, велејќи дека не смее да има никакво лицитирање со новиот шеф на АНБ. 

-Оваа влада со која раководи претседател на партијата чиишто член сум не смее да лицитира и да го “дава под закуп” челното место на институцијата (АНБ) која се роди по големата хаварија со прислушкувањето, масовното кршење на човековите права и реформата на УБК која транзитираше кон берзата која ја гледаме изминатите месеци, пишува Ременски.

Тоа што Димовски заминува од АНБ, не значи дека нема да треба да ги даде одговорите за скандалот со украинскиот олигарх Олександар Онишченко. Првиот човек на собраниската комисија за надзор на работата на АНБ Љупчо Пренџов, порача дека очекувал Димовски да се појави повторно во Собранието, со цел расвелтување на овој случај.

-Ова е продолжение на седница која има изгласано дневен ред, со една единствена точка, тоа е случајот Онишченко, како и зошто е дојдено до тоа тој човек да добие македонско државјанство и таа седница ќе продолжи. Има втора точка која што е разно. Така што службите во Собранието ќе го известат и директорот на Агенцијата, господинот Димовски и очекувам да продолжиме со излагањата негови и со причините што доведоа Македонија да се најде во една незавидна состојба, изјави Пренџов.

Случајот со Онишченко не е единствен скандал на Димовски и АНБ, опозицијата цело време предупредува дека власта нелегално ги следи функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, проблем што ќе биде нотиран и во новиот извештај на Советот на Европа, вели Александар Николоски.

Матеја Петровски

Advertisements