НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска стартува комисиската расправа за уставните измени

Седницата на која како единствена точка на предложениот дневен ред ќе се најде предлогот за пристапување кон измена на Уставот, треба да почне во 10 часот. По усвојувањето на дневниот ред, се очекува премиерот Димитар Ковачевски во 30-минутно обраќање да го образложи предлогот. Најавите се дека пријавени за збор ќе има од сите пратенички групи

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е и претседател на Комисијата за уставни прашања, ја закажа седницата за денеска откако пред точно една недела Владата даде зелено светло за предлог-уставните амандмани кои претходно ги подготви работната група за уставни измени во рамки на Министерството за правда

За денеска во 10 часот е закажана седницата на Комисијата за уставни прашања во Собранието на која, како единствена точка на предложениот дневен ред, ќе се најде предлогот за пристапување кон измена на Уставот.

По усвојувањето на дневниот ред, се очекува премиерот Димитар Ковачевски во 30-минутно обраќање да го образложи предлогот. По него, за збор ќе може да се јават членовите или нивните заменици на ова собраниско тело, по што ќе може да се обратат и други пратеници.

Најавите се дека пријавени за збор ќе има од сите пратенички групи. 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е и претседател на Комисијата за уставни прашања, ја закажа седницата за денеска откако пред точно една недела Владата даде зелено светло за предлог-уставните амандмани кои претходно ги подготви работната група за уставни измени во рамки на Министерството за правда.

Во Предлог-иницијативата што ја усвои Владата се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот. Во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.

Покрај овие, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите, и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.

По однос на оваа точка, Комисијата за уставни прашања треба да расправа најмногу 10 дена. Со оглед на тоа што 2 август е неработен ден, а за 27 јули е закажана седница за пратенички прашања, соопштија од Собранието, работата на ова тело се очекува да заврши помеѓу 7 и 9 август.  

На 18 август, пак, предлог-уставните амандмани ќе се најдат пред пратениците на пленарна седница.

И покрај тоа што премиерот Димитар Ковачевски изминатитот период повикува на натпартиски консензус за уставните измени, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е на став дека нема да прифати измени под бугарски диктат.

Во пресрет на денешната комисиска седница, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера се состана со пратеничката група на оваа партија, повторувајќи го ставот дека нема да поддржи промена на Уставот.