Денеска и утре заседаваат историските комисии меѓу Македонија Бугарија, на дневен ред стигнува и Гоце Делчев

Гоце Делчев и Цар Самоил и нивното претставување во учебниците по Историја се најверојатно дел од  темите за кои преговара историската комисија. Ова е прва средба откако беа објавени препораките за менување на учебниците по историја и за заедничко чествување на Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум и Цар Самоил. 

Ова е и прва средба за новиот член на комисијата Димитар Љоровски, кој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев кој пак ја напушти комисијата обвинувајќи дека членовите работат под политички притисок.

Според досегашните информации, најверојатно членовите на комисијата ќе стават акцент на учебниците по исторја за седмо одделение кои го опфаќаат периодот за 10ти и 11ти век, и темата за заедничко чествување на Гоце Делчев

Последната официјална историографска позиција на Македонија по состаноците на заедничката комисија со источниот сосед е дека Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум не се само македонски историски личности туку и бугарски, но и регионални и европски.  Препораките кои ги усвои мешовитата комисија пред еден месец предвидуваат дека  Цар Самоил  во историската наука бил  цар во Бугарското царство, а светите браќа Кирил и Методиј како и за светите Климент и Наум  го развивале нивното дело во тогашната бугарска држава  и постигнат е договор за нивно заедничко чествување, бидејќи не сме можеле да сметаме на ексклузивитетот дека тие биле само наши.  Македонската позиција ја соопшти Драги Горгиев, кој соопшти  дека најпроблематичен дел ќе бидат разговорите за 19-от и 20-от век, Илинденскиот период особено  Гоце Делчев

– Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период околу кој ќе дискутираме, дискусиите ќе траат. И во крајна линија доколку ние се договориме, ќе го презентираме, ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските решенија кои што посојат меѓу македонската и бугарската историографија, изјави Ѓоргиев.

Средбата е претпоследна во календарот на историчарите од петте предвидени. Комисијата од нејзиното основање има одржано вкупно 23 средби.

Кристина Алексиеска