Дел од тутунарите се жалат, министерот за земјоделство се фали – откупот одел одлично

Добар дел од тутунарите од пелагонискиот регион не се задоволни од годинашната откупна цена и покрај тоа што речиси половина од тутунот е веќе откупен, ама затоа за министерот за земјоделство откупот поминувал без никаков проблем. Годинашната реколта, според Љупчо Николовски се откупувала два месеца порано по просечна цена од 290 денари за килограм. И додека дел од тутунарите мака мачат како да заработат некој денар повеќе, министерот од канцаларија оцени дека откупот на тутун пишува историја и по реална цена.

  • За прв пат, имаме тутун што достигна рекордна цена од скоро 290 ден/кгр., што претставува зголемување за 44 проценти во однос на реколтата од 2021 година кога цената беше 200,44 денари. Оваа година, за прв пат имавме откуп кој помина без ниту еден проблем. Се помина во најдобар ред како никогаш до сега. И дополнително, целокупното производство од реколтата 2022 година, ќе биде откупено два месеци порано пред истекот на законскиот рок. Значи дека тутунопроизводителите ќе ги имаат парите на своите сметки токму за новогодишните празници. Откупот на тутун од реколта 2022 година започна на 15 ноември од страна на 10-те откупни претпријатија и со состојба од 26.12.2022 година откупени се вкупно околу 20.401 тони тутун, што претставува околу 90 проценти од вкупно договорената количина тутун, посочи Николовски.

Тутунопроизводителите од Прилеп кои дојдоа во Скопје кај министерот, секако дека изразија задоволство што за првпат новогодишните празници ќе ги дочекаат заедно со нивните семејства, неместо на протести.

  • Заедно со 80 денари субвенции од државата за прва класа оваа година добиваме 370 денари по килограм предаден тутун, нешто што не се случило до сега и е најубавата новогодишна честитка за нас. Благодарни сме до Министерството што наврмено ги започна разговорите за овогодинешниот откуп со откупувачите, кои дадоа фер цена и ја почитуваа нашата мака и добриот квалитет на тутунот. Заедно покажавме дека можеме да имаме и поинаква откупна година, изјави Ѕвонко Ристески.

Според ресорното министерство, до сега се откупени над 20.000 тони тутун. Вкупната вредност на откупениот тутун е околу 94 милиони евра, а од страна на откупните претпријатија исплатени се близу 90 милиони евра односно околу 94%.

Колку за потсетување, цените за откуп на тутунот годинава изнесуваат 300 денари за килограм од прва класа, 240 за килограм од втора и 180 за килограм тутун од трета класа. Дополнително државата треба да им исплати и субвенции од 80 денари за килограм тутун од прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за килограм продаден тутун од трета класа.

Борис Грујоски

Advertisements