Двојни аршини на УНЕСКО?

Крајно небезбеден, магистралниот пат Охрид-Свети Наум, една од најфреквентните делници во земјава,изградена кон крајот на шеесеттите години,е сериозна опасност и пример за човечка негрижа. Оваа сообраќајница каде секоја година згаснуваат по неколку млади животи, е тесно грло особено во летниот период кога на источното охридско крајбрежје се движат и до 10 илјади возила дневно.

Државата се откажа од идејата за изградба на нов експресен пат Охрид-Свети Наум откако УНЕСКО жестоко го критикуваше проектот да се гради делница долга 14,5 километри низ самиот национален парк.

”Унеско не е фактор кој што ги решава прашањата,Унеско може да стави забелешки,не ќе дозволува ако нешто нарушува.Што значи тоа дека ние ќе седиме со скрстени раце и нема ништо да работиме? Што има нас да ни се меша Унеско,па вие мислите дека може да остане овој пат пат Охрид Свети Наум, или до албанска граница онаков каков што е? Тоа е бесмислица, треба да се затвори”, вели архитектот Димитар Зарчев.

Особено критична е состојбата на делови од патот кај Лагадин, Елшани и Пештани, каде ширината на лентите од коловозот е 2,5 метри. Автобусите тешко се разминуваат, а дополнителен проблем е и оштетениот коловоз. Во 2014-та година се изготви проект за магистрален пат од Охрид до граничниот премин „Свети Наум“ со должина од 39 километри, со 4 коловозни летни ,широк 12 метри. Патот требаше да минува по падините на Галичица над постоечкиот пат.

”Таков исти планински масив е Доломитите во Италија, тој нема еден пат, тој е изрешетан со патишта и која е разликата помеѓу Доломити и што го нема тоа на Галичица, иако е веќе завршена работа и според мене ниту некој размислува. Веројатно би требало да размислуваме за проширување на постоечкиот. Сакам да кажам дека постојат подрачја каде што се под иста или слична заштита под Унеско, а се постапува различно”, вели градоначалникот Кирил Пецаков.

Ова го отвора прашањето дали Унеско сепак има двојни аршини ако се земе предвид фактот што од другата страна на езерото во Тушемиште во строго заштитено подрачје се гради шеталиште и пристаниште.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста